Податоците од Индексот на цени на станови на Народната банка покажуваат дека вредноста на становите во првото тромесечје од годинава се зголемила за 7,2 проценти во однос на претходното тромесечје, односно за значајни 19,4 проценти во споредба со истиот период минатата година.

Во првото тримесечје од претходната година, цените на становите регистрираа пораст од 4,7 проценти на годишно ниво и смалување од 0,8 проценти на квартално ниво. Ова претставуваше прво незначително намалување на квартално ниво по подолг временски период, откако последен пат беше забележан пад од еден процент во третото тромесечје од 2020 година.

Во текот на вториот квартал од 2024 година, становите забележаа нагорен тренд со пораст од 11,5 проценти на годишно ниво и 8,2 проценти на квартално ниво.

Во третиот квартал од минатата година, растот на годишно ниво достигна осум проценти, додека на квартално ниво имаше намалување од 0,3 проценти. По ова, повторно следеше зголемување во четвртиот квартал на квартално ниво за 3,3 проценти и за 10,6 проценти на годишно ниво.

Индексот на цени на станови е изработен од страна на НБРСМ, врз основа на информации кои се однесуваат на огласени станови за продажба на територијата на градот Скопје.