Шпаркасе Банка АД Скопје се очекува наскоро да започне со изградба на нова модерна Централа, која ќе биде лоцирана на местото на постоечкиот Европски Универзитет во Скопје, на булевар „Св. Климент Охридски“ бр. 66.
Согласно Деталниот урбанистички план на овој простор се предвидува изградба на две згради една до друга, од кои едната ќе биде 10 ката, а другата висококатница со минимум 20 ката.
Според иницијалните планови, новата Централа на Шпаркасе Банка ќе биде лоцирана во една од овие две згради, која ќе располага со сопствен подземен паркинг и трезор за потребите на банката. Објектот ќе биде изграден според највисоки стандарди за енергетска ефикасност и технолошка опременост, нудејќи функционален и модерен работен простор за вработените и уште подобро искуство за клиентите.
Локацијата e во централното градско подрачје, во близина на институции и клучни сообраќајници, и претставува стратешки избор кој ќе обезбеди полесна достапност и одлична поврзаност со деловната и институционалната инфраструктура на градот.
По изградбата и преселбата во новата зграда, се очекува постојните две централи на Шпаркасе Банка во Скопје да бидат понудени на продажба. За објектот на банката во Охрид засега нема информации дали ќе се продава или задржи.
Со оваа стратешка инвестиција, Шпаркасе Банка јасно ги потврдува своите амбиции за понатамошен раст, модернизација и влез во топ 3 банки во земјава по сите релевантни показатели – пазарен удел, профитабилност и иновативност.
Според иницијалните планови, градежните работи се очекува да започнат кон крајот на годинава, по обезбедување на сите неопходни дозволи, а објектот се очекува да биде завршен и банката да се всели во него до крајот на 2028 година.
Дополнителни информации за изгледот на зградата и изведувачот на градежните работи ќе бидат објавени по официјализирањето на овие детали од страна на Банката.