„Само финансиски едуцирани лица можат да носат издржани финансиски одлуки за штедење, задолжување и за инвестирање од кои ќе зависи и нивната иднина. Има емпириски истражувања коишто покажуваат дека дури половината од доходовната нееднаквост помеѓу луѓето во светот произлегува од разликите во финансиската писменост. А доходовната нееднаквост во изминативе кризни години, по повеќе децении намалување, за жал се зголеми. Според Светската банка, најсиромашните 40% од светското население изгубиле двојно повеќе доход од најбогатите 20%. Ова е највисокиот раст на нееднаквоста од 1990 година па наваму. Финансиската писменост се смета за силна алатка за поттикнување на растот и за намалување на сиромаштијата – според некои студии, дури за 2 до 3 процентни поени.“ Ова беше истакнато од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на панел-дискусијата „Како познавањето на финансиите ја обликува твојата иднина?“, организирана од Универзитетското студентско собрание при УКИМ.
Во своето обраќање, гувернерката ги претстави и активностите на Народната банка во областа на финансиската едукација, вклучувајќи ја и подготовката на првата национална Стратегија за финансиска писменост и финансиска инклузија, организирањето бројни предавања и работилници, подготовката на едукативни материјали и вклучувањето нови целни групи, како лицата со попреченост. Таа нагласи дека во услови на брзи дигитални трансформации и зголемена комплексност на финансиските услуги, мора и натаму да се вложува во знаењето. Ова е особено важно имајќи го предвид фактот дека според истражувањето на ОЕЦД, стапката на финансиска писменост (56% од максималната вредност) е слична со стапката во регионот, но значително пониска од стапката во Европската Унија.
Настанот беше посветен на унапредување на финансиската писменост кај младите – тема од суштинско значење за личниот развој, но и за економската стабилност на едно општество. На панел-дискусијата учествуваа и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, претседателката на Советот на експерти на АСО, Ели Дракуловска, Дарко Саздов, член на Советот на експерти на МАПАС, и професорот Кирил Јовановски, надворешен комисионер при КХВ.