Во рамки на својата долгогодишна посветеност на општествената одговорност и инвестирање во иднината, Комерцијална банка и оваа година со големо задоволство беше дел од иницијативата Social Day, организирана од Здружението „Младите можат“. Преку оваа програма, 25 средношколци од различни градови низ Македонија имаа уникатна можност да го заменат училишниот распоред со реално работно искуство во една од водечките банкарски институции во земјата.

Во текот на вчерашниот ден, средношколци од Скопје, Прилеп, Охрид, Неготино, Гевгелија и Струга беа распоредени во експозитурите и филијалите на Комерцијална банка каде што, под менторство на вработените, се запознаа со банкарското секојдневие, интерните процеси и основните производи и услуги. Особен акцент беше ставен на финансиската писменост, личниот развој и дискусиите за кариерни можности во рамки на банкарскиот сектор.

„Наша мисија е да отвориме врати за младите, да ги мотивираме и поддржиме во градењето на нивната кариера. Веруваме дека искуствата од ваков тип се драгоцени, не само како вовед во професионалниот свет, туку и како инспирација за развој на идните финансиски експерти“, велат од Комерцијална банка.

Еден од сегментите на кои учениците беа особено фокусирани беше запознавањето со бесплатниот Пакет за млади до 29 години, кој нуди бројни погодности и е создаден токму со цел да ги поддржи финансиските потреби на младата популација.

Дополнителна вредност на Social Day претставува и хуманитарната димензија, бидејќи младите учесници добиваат симболична дневница за својот ангажман, која потоа ја донираат за формирање на фонд за поддршка на младински проекти на национално ниво.

Со учеството во оваа иницијатива, Комерцијална банка уште еднаш ја потврдува својата посветеност на младите, како и на кревање на свеста за важноста од финансиска едукација, практично искуство и поддршка на потенцијалот на новите генерации.

Вратата на Банката останува отворена за сите млади кои сакаат да учат, напредуваат и станат дел од современиот финансиски сектор во земјата.