Банките во еврозоната ги заострија условите за кредитирање на компаниите во првиот квартал, во услови на послаба побарувачка, покажа во вторникот истражувањето на Европската централна банка (ЕЦБ). Заострените услови за кредитирање на компаниите во првиот квартал првенствено ја одразуваат состојбата во Германија, но и во неколку помали членки на еврозоната, покажа истражувањето на ЕЦБ, поради перцепцијата за зголемен ризик од слаб економски раст, информира Пословни дневник. Во периодот од април до јуни треба дополнително да се заострат критериумите за сите категории заеми, утврдила ЕЦБ во анкета. А побарувачката за кредити на компаниите е послаба во првите три месеци од годинава, бидејќи негативното влијание на акциите и обртните средства во компаниите преовладуваше над поволното влијание на пониските каматни стапки, покажуваат резултатите од истражувањето на ЕЦБ.

Банките очекуваат негово благо закрепнување во периодот од април до јуни, и покрај перцепцијата за зголемен ризик во Германија, Франција и Италија. Побарувачката на граѓаните за станбени хипотекарни кредити зајакна и на почетокот на годината, а банките ги релаксираа критериумите за нивно доделување, сметаат тие, припишувајќи го таквиот тренд пред сè на пожестоката конкуренција. Банките очекуваат побарувачката да продолжи да зајакнува во вториот квартал. Кредиторите, пак, малку ги заострија критериумите за одобрување потрошувачки и други кредити на граѓаните главно поради согледувањето на зголемени ризици, велат од ЕЦБ. Побарувачката за овие типови кредити благо зајакна, пред сè благодарение на пониските каматни стапки.