Кинеската економија силно пораснала во првиот квартал, поддржана од личната потрошувачка и индустриското производство, покажаа податоците објавени во средата.

Во периодот јануари-март, бруто домашниот производ (БДП) на Кина пораснал за 5,4 отсто во споредба со истиот период минатата година, објави националното биро за статистика.

Точно за толку се зголеми на годишно ниво и во претходните три месеца.

На квартално ниво, растот забавил на 1,2 отсто во периодот од јануари до март, од 1,6 отсто во последните три месеца од минатата година.

Инвестициите на компаниите се зголемени за 4,2 отсто во однос на почетокот на минатата година, приближно исто како и на крајот на 2024 година.

Инвестициите во недвижности, пак, потонаа за речиси 10 отсто, како во периодот од октомври до декември.

Кина веќе неколку години се обидува да го префрли фокусот од производството и извозот кон домашната потрошувачка со бројни монетарни и фискални стимулации.

Во вакви услови, продажбата на мало во март скокнала за 5,9 отсто во однос на истиот месец лани, по растот од 4 отсто во периодот од јануари до февруари.

Поради кинеските новогодишни празници, статистичарите ги комбинираат податоците за првите два месеца од годината.

Продажбата на мало била поддржана со двоцифрен скок на продажбата на потрошувачка електроника и мебел, поддржана од владина програма која треба да ги поттикне граѓаните да купуваат стоки за широка потрошувачка.

Силен раст во март забележа и индустриската активност, за дури 7,7 отсто, откако во првите два месеца се зголеми за 5,9 отсто.

Извозот на стоки е зголемен за 6,9 отсто во периодот од јануари до март во однос на истиот период минатата година, на 6,1 трилиони јуани. Увозот, пак, е намален за шест отсто, на 4,2 трилиони јуани.

Вкупната вредност на надворешната трговија се зголеми за 1,3 отсто на 10,3 трилиони јуани, покажаа податоците.