Францускиот тајкун и најимотен човек во Европа, Бернар Арно, алармираше дека конгломератот за луксузни производи LVMH (Louis Vuitton Moet Hennessy) би можел да ја префрли продукцијата во САД во случај на ескалација на трговски конфликт.

“Брисел ќе биде виновен ако се случи тоа”, изјави првиот човек на LVMH за време на годишното собрание на акционери.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата седмица објави дека ги одложува тарифите за сите на 90 дена, освен за Кина. ЕУ веднаш ги суспендираше своите контрамерки, искажувајќи надеж дека ќе постигне договор со Вашингтон во следните три месеци.

Арно смета дека ЕУ е таа која мора да ја преземе одговорноста за пронаоѓање спогодба што ги штити нејзините интереси без зголемување на давачките. САД се клучниот пазар за LVMH, па компанијата би била крајно изложена на трговски судир меѓу Брисел и Вашингтон.

Арно нагласи дека доколку двете страни не постигнат спогодба, повисоките давачки ќе ги принудат LVMH и другите европски фирми да го дислоцираат бизнисот во САД. “Ако Европа не може да преговара интелигентно, ќе има последици за многу компании”, подвлече тој.

Арно, кој присуствуваше на инаугурацијата на Трамп во јануари, го поддржа планот на американскиот претседател за намалување на даноците и бирократијата со цел да ги поттикне производителите да го преместат производството во САД.

Денес тој ја критикуваше ЕУ како “бирократска сила која си го губи времето издавајќи регулативи кои за жал се наметнати на сите земји-членки и кои ги казнуваат економските сектори”. Тој потврди дека сака ЕУ и САД да воспостават “зона за слободна трговија”, идеја што веќе ја изнесе американскиот милијардер Илон Маск.