Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) денеска упати повик до сите големи трговски синџири, супермаркети, добавувачи и дистрибутери да постапуваат строго согласно Законот за забрана на нефер трговски практики („Службен весник на РСМ бр. 66/24“) со цел, како што велат, да се обезбеди фер, транспарентен и законски пазар во интерес на економијата, производителите и потрошувачите.

Комисијата потсетува дека законот забранува злоупотреба на значителна пазарна моќ, вклучувајќи еднострани промени на договори, неосновани одложувања на плаќања, принудно враќање на производи, наметнати трошоци и други условувања кои ја нарушуваат рамноправната позиција на учесниците на пазарот. Посочуваат дека секој трговец кој врши притисок врз добавувач, го уценува или диктира услови надвор од законскиот и договорниот основ е предмет на прекршочна постапка и ризикува сериозни санкции.

– Законот е јасен – фер трговија не е опција, туку обврска. Ние не се бориме против бизнисот, туку против неправдата. Онаму каде што се наоѓа злоупотреба, Комисијата ќе постапува. Но, целта не е репресија, туку воспоставување култура на фер пазарна игра, се вели во писмената изјава на претседателката на КЗК Малинка Силјановска Николиќ.

Таа повикува на одговорност, саморегулација и конструктивна соработка, потенцирајќи дека најсилната економија е онаа во која сите играат според истите правила.

– Комисијата не е непријател на бизнисот, туку чувар на правилата. Односите меѓу трговците и добавувачите мора да бидат базирани на рамноправност, предвидливост и договор, а не на притисок, уцени и неформални условувања. Само на тој начин може да се создаде стабилен пазар на кој сите имаат еднаква шанса да успеат, додаде Силјановска Николиќ.

Комисијата ги охрабрува сите економски субјекти кои се чувствуваат изложени на нефер услови или притисоци да поднесат пријава. Тие, како што наведуваат, ќе бидат третирани со сериозност, професионалност и целосна заштита на идентитетот.

– Законот е на нивна страна, а Комисијата е тука за да обезбеди да се спроведе. Во периодот што следува, КЗК ќе продолжи со: проактивен мониторинг на трговските синџири и поголем број теренски контроли, отворен дијалог со добавувачи и комори за препознавање на нефер практики, правна заштита и постапки против компании кои систематски го нарушуваат законот и едукација на економските субјекти преку јавно достапни упатства, анализи и препораки.  Ова е повик за избор: ќе бидеме пазар во кој доминираат договори зад затворени врати или систем во кој важи принципот на фер шанса за секого. Комисијата избира транспарентност, законитост и доверба. Очекуваме истото и од сите учесници во трговијата, стои во соопштението од Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК).