Националното биро за осигурување ги објави податоците кои се однесуваат на осигурителниот пазар во Македонија во првиот квартал од годината.  Според презентацијата, споредено со истиот период минатата година, вкупната БПП е во пораст од 5,17% и изнесува 2,36 милијарди денари. Гледано по сектори, неживотното осигурување има раст 3,39%, т.е. премијата е зголемена од 1,97 милијарди денари, на 2,04 милијарди денари. Животното осигурување го задржува трендот на двоцифрен раст и БПП е зголемена од 0,28 милијарди денари на 0,32 милијарди денари. Кај неживотното осигурување во пораст е БПП на полисите за осигурување од АО (7,21%) и туристичка помош (7,17%), додека премијата за каско, незгода и имот е намалена.

 

До крајот на март се исплатени вкупно 0,93 милијарди денари бруто штета, 14,76% повеќе од лани. Од нив 0,87 милијарди денари се исплатени на полиси од неживотно осигурување (+15,0%), а 0,06 милијарди денари се отштети исплатени на осигуреници од полиси за животно осигурување (+11,35%).

Кај пазарната концентрација, помеѓу компаниите кои работат во доменот на неживотно осигурување, Триглав и понатаму е на чело, со удел на пазарот од 18,72% (2017: 17,75%), следен од Еуролинк со 14,7% (2017: 12,74%) и Осигурување Македонија со 13,02% (2017: 12,55%). Со двоцифрен удел може да се пофали уште Уника 10,9% (2017: 11,25%), додека Винер кој лани беше четврти, има значаен пад во уделот од минатогодишните 11,14% на 7,94% .

Кај компаниите за животно осигурување за одбележување е почетокот на Триглав, кој ова тромесечие го заврши со удел на пазарот од 3,5%. Водечка куќа и понатаму е Кроација, која е единствена со раст, а од останатите три најголем пад (-3,85%) има Граве осигурување.

Доминантен канал за дистрибуција на полиси останува да е директната продажба. На овој начин се склучени 60,27% од полисите.

Извор: http://www.osigurajse.net/