Виена Иншуранс Груп (ВИГ) ги објави бројките за работењето на групацијата во првиот квартал. На крајот од март се евидентирани премии од €2,83 милијарди, 3,9% повеќе од ланскиот прв квартал. Премијата е зголемена и покрај падот на животното осигурување со еднократна уплата. Во пораст (7,0%) е и добивката пред оданочување (€117,3 милиони), а подобрен е и комбинираниот сразмер на 96,2% од 96,9% во 2017 година. „Успеавме во нашата цел на постигнување одржлив раст. Тоа ни е посебно важно во моментите на растот на економијата во земјите од Средна и Источна Европа. Нашата долгорочна работна стратегија се темели на искористување на синергијата на нашите пазари како би ја зајакнале нашата позиција на пазарот, би ја зголемиле разноврсноста и подобриле ефикасноста“, стои во изјавата на Елизабет Штедлер, претседателот на Управата на ВИГ.

Трите ќерки компании на групацијата во Македонија – Осигурување Македонија, Винер и Винер Лајф, оствариле добивка од €1,0 милиони, за €200.000 поголема од лани. За исто толку е зголемена и БПП, од €6,4 милиони, на €6,6 милиони.

 

Во соседна Србија групацијата во првите три месеци остварила профит пред оданочување од €1,9 милиони, за пола милион повеќе од лани. БПП е зголемена за 1,3% на €28,2 милиони. Значаен раст е забележан во премиите за осигурување на возила, АО со 67,5% и каско со 30,1%, додека животното осигурување е зголемено за 7,3% иако еднократните премии се намалени за 83,9%.

Во Албанија и Косово профитот на групацијата е нешто повеќе од половина милион евра, слично како лани. БПП е зголемена за 3,7% на вкупни €8,3 милиони.  И во двете земји групацијата работи само во доменот на неживотно осигурување.

Од соседството ВИГ е присутен и во Бугарија, каде профитот е зголемен за 27,7% на €2,8 милиони. Полисирана е вкупно €33,0 милиони БПП, 11,3% повеќе од истиот период лани.

Од земјите од поранешна Југославија, во БиХ групациајта исто така бележи раст (8,3%) на БПП која достигнува €4,6 милиони, најмногу благодарение на растот на премиите за каско осигурување на возила (17,1%) и осигурување на имот (33,1%). Кај животното осигурување се пресликува ситуацијата од останатите пазари Еднократните уплати се намалени за 75,6%, а останатите премии се зголемени за 13,4%.

На пазарите од регионот каде групациајта вообичаено ги бележи најдобрите резултати, хрватскиот, овојпат е забележан пад на профитот пре оданочување од 4,7% и истиот изнесува €2,1 милиони. БПП од €29,0 милиони е порасната за 3,9%.

Извор: Осигурај се