Овоштарите од Преспа се пожалија дека јаболката им останале да скапуваат во магацините поради отежнатиот извоз за Русија. Слична е ситуацијата и со извозот на зелката. Нема откуп, а поради ниските откупни цени, дел од зелката остана да скапува по нивите. Освен во Русија, закочи извозот и кон останатите источноевропски држави, поради понудата на овошје и зеленчук од трети земји.

Војната во Украина го закочи извозот на македонските јаболка. Овоштарите први го почувствуваа ударот од војната поради откажаните нарачки и отежнатиот транспорт. Сето ова предизвика намален откуп и пад на откупната цена. Голем дел од овоштарите од Преспа се пожалија дека јаболката им останале да скапуваат во магацините поради отежнатиот извоз за Русија. Тие сметаат дека излезот е во барањето нови пазари, а се надеваат дека ќе може да ги извезат во земјите од регионот и во Европската Унија.

– Состојбата е многу тешка, голем дел од јаболката сè уште стојат во магацините. И претходно извозот за Русија одеше тешко, а сега никако. Дел од јаболката отидоа во индустријата за преработка, дел се пласираа на домашниот пазар, но има уште јаболка што нема каде да ги пласираме. Откупната цена е многу ниска и изнесува 6 денари за килограм, а индустријата ги откупува по 2 денара за килограм. Чекаме дополнителна поддршка од Владата од 3 денари за да може да ги покриеме трошоците, кои се многу зголемени. Пораснаа цените на репроматеријалите, ѓубривата, препаратите за прскање… а откупните цени никако да пораснат – вели Стевче Радевски, овоштар од Преспа.
Тој вели дека состојбата е многу тешка, особено за оние овоштари на кои ова им е единствен приход и кои не можат да го продадат родот и да си ги наплатат трудот и трошоците. Друг проблем е што откупните претпријатија им должат многу пари, поради тоа што сè уште не им ги наплатиле јаболката.

Од транспортните компании потврдуваат дека извозот е отежнат и оти многу малку транспортери се нафаќаат да возат за Русија.

– Извозот за Русија не е запрен, но е многу отежнат. Многу мал дел од транспортните компании возат за Русија, а и шоферите не се нафаќаат да возат за Русија и Украина. Знаеме каква е ситуацијата таму, војната е во пол ек и генерално сликата е многу лоша. За понатаму, ако не се смири ситуацијата, ќе мора да се бараат нови пазари за пласман на јаболката и на другите домашни производи – вели Агрон Реџепи, сопственик на откупната компанија „Матрикс груп“.
Голем дел од јаболката што се во магацините, како што вели, се со послаб квалитет и не може да се пласираат во Русија. Само 35 отсто од производството е добро и може да се извезува, додека останатото е втора класа и не може да се транспортира.

Слична е ситуацијата и со извозот на зелката. Нема откуп, а поради ниските откупни цени, дел од зелката остана да скапува по нивите.

Бидејќи нема откуп и пласман, трговците во Струмичко нудат од 8 до 10 денари за килограм зелка. Не вршат секојдневно откуп, па земјоделците практично се молат да им биде земено произведеното.

Освен во Русија, закочи извозот и кон останатите источноевропски држави, поради понудата на овошје и зеленчук од трети земји. Лани во овој период, од Струмичко биле извезени околу 45 илјади тони зелка, но оваа година извозот е преполовен.