Јаболкопроизводителите од Преспа денес од 10 до 12 часот ќе протестираат на магистралниот пат Ресен – Битола, кај Макази. Заради проблемите со пласманот и хиперпродукцијата, 50.000 тони јаболка останаа во магацините. Затоа бараат средба со премиерот, но и да се врати повторно интервентната мерка од 3 денари.
-Потребна ни е таа поддршка да ја добиеме и во 2019 година. Ние бараме интервентната мерка која важеше до декември да продолжи до 30 јуни 2019 година – рече вчера Менде Ивановски, претседател на Иницијативниот одбор.
Тој објасни дека овоштар кој има во своите магацини 100 или 200 тони јаболко, оди во продавница и се пишува за 2 или 3 леба.
Покрај интервентната мерка, производителите на јаболки бараат што побрзо да им се исплатат и штетите за 2017 година и субвенциите, затоа што велат дека сега почнува сезоната на активности во јаболковите насади.