Државниот завод за ревизија во детална контрола на Акционерското друштво Пошта, пресмета долгови во кредити во износ од 3,5 милиони евра. Континуираните загуби во работењето на АД Пошта резултираат со ненавремена достава на пратките и квалитет на услугите.
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Акционерското друштво за поштенски сообраќај „Пошта на Северна Македонија‘‘ во државна сопственост – Скопје, за 2023 година.
Согласно ревизорскиот извештај друштвото се наоѓа во неповолна финансиска положба почнувајќи од 2017 година, при што во континуитет остварува загуби од работењето, а најголема загуба во износ од 229.883 илјади денари или 3.726.000 евра е искажана во 2022 година.
Ревизорите констатирале и дека во септември 2023 година и покрај континуираниот негативен финансиски резултат, друштвото извршило зголемување на месечната нето-плата на директорите на сектори, заменик генералниот и генералниот директор за 42% до 58% соодветно.
Во 2021 година била направена длабинска анализа на АД Пошта за која платила 795.000 евра, а која не се применува до денеска.
„Друштвото се соочува со голема задолженост по основ на заеми, кредити и пресметани камати, кои не се сервисираат навремено, што дополнително ја влошува финансиска состојба и ја нарушуваа ликвидноста. Вкупните обврски за краткорочни кредити и заеми на крајот на 2023 година изнесуваат 219.650 илјади денари, а се однесуваат на земен краткорочен заем од МЕПСО – АД за пренос на електрична енергија во износ од 100.000 илјади денари и два краткорочни кредити од деловни банки во вкупен износ од 119.650 илјади денари. За доспеаните, а неисплатени кредити во 2024 година, пресметана е договорна казнена камата од 24,45% или 6,7 милиони денари, односно 109.000 евра“, вели ДЗР.
Во текот на 2023 година бил вратен краткорочен кредит во износ од 40.000 илјади денари кој бил одобрен во 2022 година, а одобрен е друг кредит од деловна банка на износ од 32.500 илјади денари кој доспева за враќање на крајот на 2024 година. Сите земени кредити се со висока каматна стапка која се движи во интервал од 4,8% до 6,25%.
Ревизорите направиле анализа на квалитетот на услугите опфатени со универзалната услуга и утврдиле ненавремена достава на пратки. Во 2023 година, 59,7% од пратките биле доставени во првиот ден, додека 30,5% биле доставени во период подолг од три дена. Овие резултати укажуваат на отстапување од целите поставени од Светскиот поштенски сојуз, кој пропишува минимален стандард од 75% и максималниот стандард од 88% за успешно и навремено доставени пратки.
„Утврдени се сериозни неправилности во работењето на АД Пошта на Северна Македонија. Недостасуваат точни и усогласени евиденции за земјиштето и градежните објекти, што влијае на квалитетот на податоците во трговските книги. Дел од објектите, како и два одморалишта во Охрид вредни 6,4 милиони денари, се во лоша состојба и потребна им е санација, а за еден е утврдено бесправно користење. Исто така и процесот за поделба на имотот меѓу АД Пошта и Македонски Телеком, започнат во 1996 година, не е завршен, а од 2017 година е запрен и до денот на ревизијата не се дадени насоки за понатамошно постапување со заедничкиот имот на двете друштва“, наведува загрижувачки податоци Државниот завод за ревизија.
Во делот на јавните набавки ревизорите утврдија дека АД Пошта на Северна Македонија без спроведена постапка за јавна набавка има преземено обврски за набавка на стоки и услуги, во вкупен износ од 3,7 милиони денари или приближно 60 илјади евра, што претставува надминување за 36 илјади евра или приближно 2,2 милиони денари над утврдениот вредносен праг од 24 илјади евра во денарска противвредност.
Во постапките за доделување на рамковна спогодба со еден економски оператор за набавка на услуги за осигурување на имот со отворена постапка во 2022 и 2023 година, склучени се две рамковни спогодби, со вкупна вредност од 28.169 илјади денари (од кои 16.207 илјади денари во 2023 година). Ревизорите утврдија дека тие можеле да бидат спроведени во делови, што би имало влијание врз конкуренцијата во постапката и рационалното користење на финансиските средства. Покрај тоа, утврдено е ненавремено плаќање на премиите (еден месец пред истекот на важноста на полисата премијата не е подмирена). Ова ја загрозува сигурноста на материјалните и паричните средства, а дополнително може да доведе до зголемување на премиите во иднина поради влошениот рејтинг на друштвото, забележува ДЗР.