Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, денеска објави дека вработените административци во управата и правосудството на 7 и 8 април од 10.00 до 12.00 нема да работат како предупредувачки протест во сите институции каде што има синдикални организации.

Првиот човек на синдикатот како основна причина за тоа е дека голем дел од вработените не ја добиле зголемената минимална плата за месец март.

Изгледа дека Владата не е заинтересирана да разговара со нас.  На вработените не им се исплаќа минималната плата, над 90 отсто од институциите продолжуваат со исплата на помала плата од минималната, а другите не знаат што да прават и не ја изработуваат, а оние што исплатиле направиле катастрофални грешки со кратење на стажот. Ова е непочитување на законите на државата која самата си ги носи, изјави Деаноски.

Станува збор за 5.000 до 6.000 вакви членови на УПОЗ од 116 синдикални организации во министерства, агенции, управи, фондови, судови.

Министерството за финансии на 25 март објавува оглас за вработување на писар со плата од 14.909 денари. Ова значи дека министерството свесно одлучува да го прекрши законот за минимална плата, дава еден од примерите Деаноски.

 

Тој додаде дека Владата е известена за предупредувачкиот процес, кој понатаму може да прерасне во осумчасовен штрајк.