Агенцијата за електронски комуникации на операторите Македонски телеком и А1 им ги додели првите одобренија за петтата мобилна генерација 5Г, со што станавме прва држава во Западен Балкан што воведува вистинска 5Г мрежа. Претставниците на АЕК уверуваат дека се спроведени истражувања кои покажале дека воведувањето на 5Г нема штетни последици по граѓаните и животната средина.

-Зрачењето со 5Г мрежата е далеку помало и од старата технологија која сега е активна 4Г. За борбата со социјалните мрежи не знам како ќе успееме, тоа не е проблем само за Македонија, тој проблем го има секаде каде се воведува 5Г технологијата. Тоа е во склоп на тие лажни вести, ние како АЕК тоа што можеме, да мериме, меревме и ќе продолжиме да мериме, по што научно е докажано дека нема такво нешто. Ќе се потрудиме да ги известиме граѓаните дека нема потреба за паника, рече Јетон Акику директор на АЕК.

Во земјава досега Македонски телеком поставил инфраструктура за оваа нова технологија во 16 градови, во моментов се работи во Гостивар и Тетово. До крајот на годинава планот е 5Г оваа телекомуникациска компанија да има воспоставено во 26 градови во Македонија. А1 засега работи на инфраструктурата во Скопје. Како проблем надлежните го потенцираа моментот дека засега нема конкуренција во овој сегмент на телекомуникацискиот бизнис. Оваа технологија нуди побрз интернет за десетина пати од сегашниот 4Г.