Стабилноста на девизниот курс на денарот, која се одржува благодарение на кредибилните и конзистентни политики, е еден од клучните фактори за одржување на кредитниот рејтинг, пишува во најновиот извештај на агенцијата.
Во извештајот се посочува дека курсот на денарот и натаму е стабилен. Според проекциите на агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, девизните резерви покриваат 4,3 месеци од увозот проектиран за 2025 − 2026 година, што ја поддржува стабилноста на фиксниот курс на денарот во однос на еврото.
Дефицитот на тековната сметка е во согласност со десетгодишниот просек, додека приливите на странските директни инвестиции се на највисоко ниво во изминатите седумнаесет години.
„Фич“ оценува дека овој извор на финансирање и во следниот период ќе биде соодветен за понатамошно покривање на дефицитот на тековната сметка.