Цената на јагнешкото месо за Велигден годинава се очекува да надмине 660 денари за килограм, слично како во Италија каде цената достигнува 11 евра по килограм. Но, додека на пазарот цените растат, сточарите се соочуваат со драстично пониска откупна цена – во некои региони таа изнесува само околу 210 денари за килограм. Дополнително незадоволство предизвикува новата владина мерка која ги обврзува да предадат 50% од јагнињата во кланица.

Овчарите предупредуваат на сериозни проблеми: намалување на бројот на стадата, зголемена смртност кај новородените јагниња и општа несигурност за иднината на сточарството. Од Министерството за земјоделие велат дека мерката има за цел подобро следење и евиденција на стадата, но за сточарите тоа значи нов товар во време на економски предизвици.

Земјоделците ја почнуваат бербата на пролетната зелка додека граѓаните се жалат на високите цени на овошјето и зеленчукот во маркетите и на зелените пазари. Годинава, во Струмица со зелка е засадена двојно поголема површина од лани, но нема гаранција дека поголемата понуда ќе ја намали и цената што стигна и до 70 денари за килограм.

„Се е скапо. И доматите, краставиците, пиперките, килограм стигна до 170 денари. Една салата стана луксуз“, вели скопјанката Лила Игнатоска.

Според Националната земјоделска мрежа проблемот е што немаме државна стратегија за земјоделството, во периоди кога имаме хиперпродукција на одреден производ, државата го увезува од надвор. Најголема е осцилацијата кај градинарските култури, што се и најбарани на пазарот.

Министерството за земјоделство планира да ги спојува земјоделците директно со маркетите, за да се избегнат посредниците во синџирот поради чиј ќар цената оди нагоре.

Во февруари, Владата ги ограничи маржите на околу 100 групи производи кои претходно се најдоа во есенската и новогодишната кошница. Исто така, им препорача на маркетите транспарентно да ги објавуваат цените на дневна основа.

Ограничувањето на маржите трае до крај на април.

Северна Македонија увезла храна за 1,1 милијарда евра во 2023, а извезла за 720 милиони евра, покажуваат статистичките податоци. Покриеноста на увозот со извоз во земјоделството се намалува од 75 отсто во 2020 година, на 66 отсто во 2023 година.