Креирање нови техники, стратегии и методи кои ќе ги мотивираат младите земјоделци да почнат сопствен еко или „зелен“ бизнис, е една од целите на проектот Европски млад земјоделец што беше презентиран денеска на конференцијата „Green for growth“.
Со проектот, како што беше речено, се афирмира и промовира агро претпреимништвото како поинаков, креативен начин за самовработување во земјоделскиот сектор.
Млади земјоделци ќе имаат можност во септември да заминат на десетдневна обука во Бугарија, а ќе се креира и интернет платформа за е-учење.
-Ќе креираме стратегии и методи кои ќе ги поттикнат младите земјоделци да почнат еколошки иницијативи, да го изразат своето мислење, да бидат активни граѓани во општеството и да носат правилни одлуки за здрава животна средина и подобар животен стил. Преку интерактивни и ефикасни обуки ќе обезбедиме информации и насоки за претворање на знаењето во „зелени“ агро бизниси. Целта е отворање нови вработувања за младите и подобрување на животниот стандард, истакна координаторот на проектот Зоран Лазаревски.
Тој објасни дека на интернет платформата, како алатка за комуникација меѓу учесниците, ќе бидат „закачени“ сите модули на курсеви, но и примери за упсшени „зелени“ бизниси.
Поздравувајќи ја ваквата иницијатива, директорот на Платежната агенција Никица Бачовски рече дека и државата обезбедува голема поддршка за младите земјоделци, како и дека само во моментов се во тек пет отворени повици, а ќе следуваат уште два, за подигање нови насади.
-Поддршката е 50 – 100 проценти што воопшто не е малку, особено не за луѓето кои допрва почнуваат да се занимаваат со производство. Конкурентноста и продуктивноста треба да бидат на највисоко ниво, а тоа може да го направат само младите кои треба да ја искористат оваа ситуација колку и да изгледа тешка и непредвидлива, напомена Бачовски, информирајќи дека е забележан раст на бројот апликанти – млади земјоделци до 40 години, кои генерално знаат сами да ги подготват проектите и барањата за финансиска поддршка.
Тој укажа на проблемот со возрасната структура на земјоделците.
-Не само ние, туку цело Европа има еден страшен проблем, а тоа е старосната граница, односно просечната возраст на земјоделецот која е во постара фаза и секоја држава, посебно членките на ЕУ, се фокусираат на поддршка на младите земјоделци. Кај нас, младите земјоделци може да се најдат во сите програми за поддршка – Програмата за директни плаќања која годишно надминува 100 милиони евра и опслужува над 100 000 земјоделци и Програмата за рурален развој која содржи две мерки, 112 и 113, за лица под 40 години (грантови или 100 проценти покривање на трошоците за инвестиции до 10 000 и до 20 000 евра). Од 2018 година наваму овие две мерки ги искористиле над 700 лица и досега се исплатени пет милиони евра, главно инвестиции на млади земјоделци за механизација, но и за преработка. Има и многу мерки за кофинансирање за подигање нови насади, набавка на добиток, во кои може да се најдат и лицата до 40 години, рече директорот и додаде дека сепак, многу е важна и информираноста за можностите кои се нудат.
Според експертот и претседател на C.R.E.A.M. Европа Зоран Јелиќ, она што недостасува се одржливи проекти, прифатливи за финансирање од страна на банките.
-Проблем е и немањето доволно свест, соработка, податоци, информации, транспарентност, државен консензус. Никој сам, како поединец, не може да решава комплексни проблеми. Затоа е неопходна соработка и заедничко работење на сите нивоа – централно, локално и регионално, рече Јелиќ.