Најголемата германска банка денеска одржува акционерско собрание. За акционерите е тоа добра можност да ја искажат својата лутина, зашто на Дојче Банк ѝ оди навистина лошо.

Курсот на акциите се држи одвај над 10 евра. Десет евра! Тоа е на километарска оддалеченост од најголемата вредност од над 108 евра, достигната пред точно 11 години, во мај 2007-та. Она што потоа следуваше е познато: банкротот на „Лиман брадерс“, светската финансиска криза, пакети за спас на банки тешки милијарди евра, построги регулации и фаза на ниски камати која трае со години. Но, додека другите големи банки со кои Дојче Банк толку радо се мери и со кои играше во иста лига, се опоравија и повторно заработуваат добри пари, најголемата германска банка шлапа во мочуриште.

Кога растресените акционери на банката пред една година се сретнаа во франкфуртската свечена хала, можеше да се почувствува барем нешто што личеше на полетна атмосфера. Тогашниот шеф на Управниот одбор, Џон Крајан, повторно до некаде ги поправи работите и од патот го отстрани најголемите камења од правните спорови тешки милијарди евра. Но, цената за тоа беше висока: загуби наместо добивки, немање време за размислување за нова стратегија. Освен тоа, уште и проблеми со новите акционери, како ХНА-групата од Кина. И, некаде кон крајот на минатата година стана јасно дека под извештајот на деловното работење ќе стои дебел минус.

И повторно нов шеф

Дојче Банк и натаму беше на насловните страници и на крајот Џон Крајан мораше да си замине од шефовската позиција. Од почетокот на април годинава, првпат по цели 16 години, во шефовската фотелја на Дојче Банк повторно седи Германец, Кристијан Зевинг. Тој во банката го има поминато речиси целиот свој професионален живот. 48-годишникот веќе има скицирано и груб план за иднина: повеќе Германија и Европа, помалку ризично инвестициско банкарство, повеќе деловно работење со приватни лица и фирми.

Сега тој пред акционерите ќе мора да го одржи веројатно својот најважен говор досега, ќе треба да каже како мисли да се изоди овој пат и пред сѐ – дали на тој начин навистина ќе биде подобро.

Зашто, токму оваа верба акционерите ја имаат загубено одамна. Притисок прават пред сѐ големите акционери – емиратот Катар, веќе споменатиот кинески концерн ХНА и инвестициската корпорација Блекрок од САД. Тие сакаат конечно мир во куќа и заработување пари од инвестирањето. Дефинитивно не се задоволни од малата дивиденда од само 11 центи. Но, банката во моментов не може да си дозволи повеќе, а надеж за подобрување нема на повидок.

Проблеми за Ахлајтнер

И, на крајот, тука се разбира се малите акционери, кои сакаат повторно да ја искажат својата лутина. Некои бучно, други со супстанција и добри аргументи. Најголемиот дел од нив во секој случај се сериозно загрижени за состојбата на Дојче Банк. „Лоши бројки, погрешна стратегија“, вели на пример Инго Шпајх од друштвото на доверители Унион Инвестмент. А неговиот колега Андреас Томае од Дека Банк вака ја сумира состојбата: „Курсот на акциите под земја, трошоците превисоки, приходите пониски од ветувањата“. Клаус Нидинг од Германското друштво за заштита на сопственоста на хартии од вредност (ДСВ), за промената на шефовите пролетва има само еден збор: „Непрофесионално!“

Малите акциoнери бараат одговори

Значи, ќе бидат изнесени еден куп критики, пред сѐ на сметка на шефот на надзорниот одбор, Паул Ахлајтнер, кој на таа позиција е цели 6 години. Многумина му префрлаат дека тој е всушност виновникот за кризата во банката. Истовремено, неговиот договор од страна на акционерското собрание минатата година е продолжен за уште пет години. Швајцарецот и годинава ќе мора повторно да истрпи многу, но за тоа добива и многу пари. А за својот реизбор не мора да стравува, тоа веќе го најавија влијателни акционерски советници. Зашто, уште поголем немир не му е потребен никому во банката.

Немирот си доаѓа сам: рејтинг-агенцијата „Стандард и Пурс“ во мај го намали рејтингот на банката, а аналитичарите на големата банка Барклејс се погрижија за уште полошо расположение пред акционерското собрание: Британците сметаат дека курсот на акциите на Дојче Банк наскоро ќе биде само 8 евра!

 

 

Извор : www.dw.com.mk