Граѓаните кои летово и покрај пандемијата решиле да летуваат на море најчесто се одлучуваат за Албанија, која и минатата година беше најпосетена туристичка дестинација од македонските туристи. И од туристичките агенции кој ги контактиравме велат дека интересот за летување во Албанија е голем, а најголем дел од резервациите за „early booking„ годинава се за Валона, Саранда и Ксамил
Најголем дел од македонските туристи летово ќе летуваат во Албанија. За патување во оваа држава засега не е потребен ниту ПЦР-тест, ниту вакцина. Граѓаните кои летово и покрај пандемијата решиле да летуваат на море, најчесто се одлучуваат за Албанија, која и минатата година беше најпосетена туристичка дестинација од македонските туристи. И од туристичките агенции, кои ги контактиравме, велат дека интересот за летување во Албанија е голем, а најголем дел од резервациите за „early booking„ годинава се токму за оваа туристичка дестинација. Потврдуваат дека и лани голем дел од македонските туристи ги искористиле ковид-ваучерите за летување во Албанија.
– Најголем дел од резервациите досега се за Албанија. Можноста да се патува без ПЦР-тест или без вакцина е клучна за граѓаните, а од таа причина токму Албанија е број еден дестинација засега. Овде ја имаме најголемата понуда на хотелско сместување за Валона, Драч, Дернми, Ксамил, Саранда . Интерес има и за Грција и Турција. Секојдневно клиентите прашуваат и се консултираат со нас за тоа дали и како ќе се патува во овие земји, вели за ВЕЧЕР, Елизабета Кочева-Јосифовска, менаџер за маркетинг и продажба во „ЈК Травел“.
Таа вели дека имаат голем број на туристички дестинации во понудата за Лето 2021 кој ја објавиле под мотото „Резервирај без ризик“. Граѓаните кои имаат ковид-ваучери и кои важат до крај на годинава, можат да одберат една од саканите дестинации за да ги искористат. Во Албанија, како и во Грција можат да летуваат во хотели или приватни апартмани, а цените се исти како минатата година и засега нема најава за нивно зголемување.
-За секоја нова резервација, односно нова уплата направена до 31 март годинава, клиентите имаат можност за бесплатен отказ, односно, ако поради ковид ситуацијата не се реализира аранжманот кој е уплатен, тогаш на клиентите целосно им се враќаат уплатените средства. Истото важи и за оние резервации каде што клиентите користат ваучер од минатата година но имаат нова доплата на истиот аранжман. На доплатата која ќе биде направена ќе им биде направен поврат на парите, а ваучерите ќе останат но со нов датум на важење, појаснува Кочева-Јосифовска.
И Ивона Јакимовска, сопственик на туристичката агенција „Камелија турс“, вели дека најголем дел од граѓаните се одлучуваат да летуваат во земјите од регионот, а секако поради моменталните услови за патување предност ѝ даваат на Албанија.
-Во моментов во Албанија може да се патува без ПЦР-тест, а интерес има за туристичките места Валона, каде што цените за студио се движат од 70 евра, па нагоре, во Саранда и Ксамил за 8 дена апартманско сместување цените се од 100 евра па нагоре во зависност од периодот на патување и категоризацијата на сместување. Освен за Албанија, интерес има и за Црна Гора, каде што цените се нешто повисоки. Во Будва хотелско сместување за седум ноќи со појадок и вечера чини од 140 евра па нагоре, во зависност од временскиот период на патување, вели Јакимовска.
Од туристичките агенции очекуваат туризмот наскоро да се врати во нормала, патувањата да станат реалност, а граѓаните да можат да ги посетуваат своите омилени дестинации како пред короната.