Американскиот дигитален гигант „Амазон“ објави дека ќе ангажира дополнителни 100.000 работници во САД и Канада за да бидат во чекор со силното темпо на побарувачката за онлајн купување во време на пандемија.
За најголемата светска онлајн продавница, тоа ќе биде четврти циклус на вработување оваа година и планира да ангажира работници со полно работно време и скратено работно време во 100 нови магацини и подружници што ќе проработат овој месец.
На крајот на јуни, Амазон имал 876.800 работници, не сметајќи ги подизведувачите и работниците на определено време.
Веста ја одразува континуираната потреба на Амазон за работна сила за подигање, пакување и доставување производи до домашните адреси, но и скок од 40% на приходите во последниот квартал и најголем профит во последните 26 години од постоењето.
„Паралелно, компанијата воведува автоматизација во најновите згради“, изјави потпретседателката Алисија Болер Дејвис.
„Ќе продолжиме да ја применуваме технологијата каде што е соодветно и каде што можеме да го подобриме целокупниот тек на работа“, рече Болер Дејвис.
Таа не појасни дали автоматизацијата значи помалку работа во магацините, додавајќи само дека Амазон ги користи своите системи за соработка со луѓето.
„Покрај најавените 100.000 работни места, компанијата ја проценува и потребата за сезонско вработување во текот на зимата“, рече Болер Дејвис.