Американската стопанска комора во Македонија и Американската стопанска комора во Бугарија потпишаа Меморандум за соработка кој предвидува активности во насока на зајакнување на економската соработка меѓу двете земји.

Во име на коморите документот го потпишаа Јелена Арсовска, извршен директор на АмЧам Македонија и Петар Т. Иванов, извршен директор на АмЧам Бугарија.

Меморандумот за соработка се потпиша во Софија, а предвидува двете организации да инвестираат знаење, труд и енергија за да ја промовираат трговската и инвестициската соработка меѓу бизнисите.

Коморите ќе соработуваат во организирање деловни тркалезни маси, спроведување анализи и застапување за подобрување на инвестициската клима меѓу двете земји. Дополнително, се согласија дека стручно ќе ги поддржуваат двете влади во нивните иницијативи поврзани со бизнисот и воведувањето на економските политики за остварување на економската интеграција во регионот.

– Идејата е преку мапирање на идните бизнис и инвестициски можности и давањето поддршка во реализацијата на реалниот бизнис да им се донесе уште поголема економска перспектива на двете земји. Со создавање на средина погодна за бизнисот, ќе обезбедиме поддршка за двете економии и ќе го издигнеме нашето пријателство преку позитивни примери на соработка во реалниот сектор, рече Арсовска.

Нејзиниот бугарски колега Иванов дополни дека ова не е само симболичен чин на потпишување Меморандум.

– Тоа е печат на нашата волја тесно да соработуваме со нашите пријатели во Република Северна Македонија, преку искористување на нашето деловно искуство, врски и знаење, за да го дадеме својот удел за подобрување на економската перспектива на двете земји и на регионот, рече Иванов.

Покрај потпишувањето Меморандум, за време на посетата на Софија, претседателот на бордот на директори на АмЧам Северна Македонија, Драган Давитков учествуваше на панел дискусијата „Бизнис можности со Северна Македонија” организирана од Capital Executive Club, поддржана од АмЧам Бугарија. Фокусот на економскиот дел од панелот беше насочен кон промоција на инвестицискиот и бизнис потенцијал кој го има нашата држава, како и значењето на зајакнувањето на економските односи меѓу двете земји, како важен приоритет во идниот развој на односите помеѓу Европската Унија и Западен Балкан.

Како што наведува Американската стопанска комора во Македонија, соработката помеѓу двете земји ја рефлектира и долгогодишната трговска размена со која Бугарија е позиционирана како втора најголема дестинација за извоз и увоз во и од земјава.