И покрај сите позитивни сигнали, aвстриските финансиски аналитичари предупредуват на ризиците поврзани со вложувањето во биткоин

Вредноста на најстарата и најпозната криптовалута, биткоинот, денеска во 2.45 часот конечно ја надмина псисхолошката граница од 100.000 долари, што се толкува како последица на очекувањата за политичките и економските промени на идната администрација на Доналд Трамп.

За потсетување, на денот на изборите, вредноста на биткоинот беше околу 68.000 долари, а точно еден месец подоцна достигна историска височина од 103.000 долари.

Инвеститорите веруваат дека победникот на изборите, ќе спроведе криптопријателски регулативи што може уште повеќе да го поттикнат растот на пазарот на дигитални валути.
Еден од клучните фактори што влијае на оваа оптимистична атмосфера на пазарот е спекулацијата дека Трамп би можел да го назначи Пол Еткинсон, познат поддржувач на криптовалутите, за претседател на Американската комисија за хартии од вредност (СЕК). Актуелниот претседател на СЕК, Гери Генслер, беше познат по строгата регулација на криптовалутите, што предизвика незадоволство кај инвеститорите. Се очекува дека неговото повлекување ќе го олесни пазарот, што би можело да доведе до поголемо прифаќање и раст на криптовалутите.

Во aнализата на aвстриските дневни весници се спомнува и можноста САД да почнат да акумулираат биткоин како алтернатива на традиционалните златни резерви. Предлогот на сенаторката Синтија Лумис, која е блиска на Трамп, дека САД треба да купат дури 1 милион биткоини во следните пет години, предизвика дополнителен интерес кај инвеститорите. Ако овој предлог се реализира, тоа ќе претставува околу 5 отсто од вкупниот број на биткоини во оптек, што ќе има значителен ефект на глобалниот пазар и вредноста на оваа дигитална валута.

Покрај тоа, растот на биткоин го поттикнуваат и големите корпорации, како што е фирмата „Микростратеџи“, која под раководство на Мајкл Сејлор постојано вложува огромни суми пари во криптовалутата. „Микростратеџи“ планира да продолжи со оваа стратегија на вложување, вклучувајќи нови емисии на обврзници и дополнителни инвестиции во биткоин, што исто така го поддржува растот на цената.

Друг фактор што влијае на пазарот на биткоин е воведувањето нови финансиски инструменти како што се ЕТФ фондови и опции. Почнувајќи од јануари, тргувањето со опции на биткоин стана можно, што им овозможува на инвеститорите да предвидуваат на понатамошен пораст или пад на цената на криптовалутата. На првиот ден од тргувањето, опциите на биткоин ЕТФ фондовите веќе достигнаа големи износи на трансакции, а повеќето инвеститори прогнозираат пораст на цените. Овој тренд дополнително ја зголемува ранливоста на пазарот и им овозможува на поголемите инвеститори да се заштитат од можни загуби или да го искористат потенцијалот за понатамошен пораст.

Меѓутоа, и покрај сите позитивни сигнали, aвстриските финансиски аналитичари предупредуват на ризиците поврзани со вложувањето во биткоин. Потрошувачките советници и организации како „Финанцтип“ нагласуваат дека тргувањето со биткоин е високо шпекулативно и дека пазарот на дигитални валути е многу нестабилен. Вредноста на биткоин може драматично да расте, но исто така може и да падне, што претставува сериозен ризик за инвеститорите.

Препорачливо е луѓето да ги вложуваат само парите што се подготвени да ги изгубат, и тоа не повеќе од десет проценти од вкупните инвестиции. Постои загриженост исто така дека криптовалутите стануваат сѐ повеќе предмет на шпекулации отколку што се алтернатива на традиционалните монетарни системи, што може да доведе до големи загуби за наивни инвеститори кои не ја разбираат природата на овие пазари.