Американците се сега најбогата нација на светот бидејќи ја поминале Швајцарија, додека во остатокот од светот постепено се „топи“ богатството.
Тоа е последица на збрката околу Brexit и американско – кинеската трговска војна, покажуваат резултатите на едно од истражувањата.
Според најновиот извештај за глобално богатство на германската осигурителна куќа Алијанз, просечниот нето финансиски имот на луѓето кои живеат во САД изнесува 184,411 евра по жител, во однос на 173,838 евра колку што изнесува приватното богатство на еден Швајцарец. Наведените податоци се за 2018 година.
Кревањето на САД на самиот врв на листата на најбогати нации главно се должи на силата на доларот, како и американските домаќинства кои се главен двигател на растот на глобалниот проток на средства, бидејќи две третини од овие заштеди во индустријализираните држави потекнува од САД, порачуваат од осигурителната куќа.
Во извештајот се наведува дека новата заштеда прокнижила глобален рекорд, со оглед на тоа дека пораснала за 22 отсто на повеќе од 2,700 милијарди евра. Тоа е благодарение на минатогодишната даночна реформа во САД, со која граѓаните ги зголемиле заштедите за 46 отсто.
Иако САД го зазеле првото место во извештајот, Швајцарија и понатаму е на врвот кога се работи за бруто финансиски имот по жител, со бројка од 266,318 евра во однос на 227,364 евра колку изнесува за САД.