Не постојат победници во војната на цените на нафтата. Преживувањето бара поголема политичка моќ отколку економска моќ, а потоа поголема економска моќ отколку индустриска моќ. Сега оваа моќ ја тестираат ОПЕК, Русија и американската индустрија за нафта, а прашањето е каков ќе биде исходот, нагласува Робин Милс, извршен директор на консултантската фирма „Камар енерџи“.
По пропаѓањето на договорот на ОПЕК+ со Русија, секоја држава што е производител на нафта го зголеми производството. Русија вели дека може да произведува дополнителни 500.000 барели дневно. Саудиска Арабија со своето „шокантно и неверојатно“ соопштение за да извојува кратка победа драстично ги намали цените за шест до осум долари за барел и вети дека ќе го зголеми производството во април до 12,3 милиони барели на ден, што е над нејзиниот номинален капацитет, а тој капацитет ќе го прошири до 13 милиони барели на ден веројатно за неколку години.

Националната нафтена компанија Абу Даби АДНОК, својата дневна квота на нафтено производство ќе ја зголеми од три милиони барели на четири, за да ги испроба своите капацитети. Ирак би можел да додаде уште 350.000 барели дневно производство ако неговите извозни капацитети можат да го издржат тоа. Нигерија може исто така да го зголеми своето производство за околу 100.000 барели нафта на дневно ниво, а Кувајт може да го стори тоа со уште 250.000 барели дневно, плус здруженото производство што го има со Саудиска Арабија. Другите регионални извозници на нафта, како разнишаната Либија, кревкиот Ирак, Оман и Алжир, ќе треба да се справат најдобро што можат.

ОПЕК во скоро време набрзина ќе го врати изгубениот удел на пазарот, бидејќи сегашната сурова поплава на пазарот испарува со избувнувањето на ковид-19.
Исклучително ниските трошоци за производство ги прават државните нафтени компании за нафта многу профитабилни, но тие, сепак, треба да ги финансираат државните буџети. Самостојните финансиски фондови за богатство, долг и продажба на средства може посилните држави од Заливот да ги задржат со години, но послабите земји од Блискиот Исток би можеле брзо да потонат.

Под претпоставка дека Русија ги намалува цените во однос на конкуренцијата за да се натпреварува, нејзините приходи ќе се намалат за 45 отсто. Нејзините нафтени компании на кои им се потребни голема реинвестиција и развој на новите скапи полиња на Арктикот и Источен Сибир, ќе забележат намалено производство. Но од 2014 година, рускиот буџет е направен и зајакнат против ниските цени на нафтата и западните санкции. Неговата проектирана цена за нафтата е околу 42 долари за барел, курсот е флексибилен и тој може да заштеди 25 милијарди долари на годишно ниво од својот самостоен фонд во наредните неколку години. Отпорноста на Кремљ е купена по цена на животниот стандард на обичните Руси. Овде влегува политичката сила. Сè додека Владимир Путин ужива поддршка од својот народ, тој може да се справи со ниските цени на нафтата.
Американските производители на нафта од шкрилци, пак, се соочуваат со проблеми. Голем дел од нивното осигурување е неефикасен, по цени под 45 американски долари за барел и, во секој случај, истекува пред 2021 година. Производството на шкрилци може брзо да падне на 250.000 барели на дневно ниво без реинвестирање. Инвеститорите веќе беа заморени од недостигот од финансиски поврат, а повеќето потенцијални добивки беа собирани по 2014 година. Гигантите како „Ексонмобил“ и „Шеврон“ се обложуваа најмногу на шкрилци и тие ќе преживеат, но може да се мачат во иднина.

Иако нафтената војна беше предизвикана од несогласувањата меѓу Русија и Саудиска Арабија, американските нафтени шкрилци сепак ќе бидат првата жртва. САД ќе научат дека големото производство на нафта по високи цени не ги прави „енергетски доминантни“. Американската економија во целина нема да биде толку разнишана. Најмногу ќе добијат возачите од ниските цени на горивото, но сојузните држави што произведуваат нафта ќе бидат погодени.

Државите од Блискиот Исток можат да ја искористат оваа криза за да се подготват за предизвикувачката енергетска иднина. Прво, тие треба да ја преживеат сегашната енергетска состојба, а тоа значи дека тие ќе мораат да ја намалат економската зависност со цените на нафта и да изградат нова економија, која ќе работи како во периодот меѓу 2017 и 2019 година. Нивниот народ ќе мора да биде подготвен за штедење и можеби болно реструктурирање. На крајот на краиштата, политичката сила е одлучувачка во оваа кампања.

 

Извор:  Нова Македонија