Советуваме, во фирмите каде има синдикат да не се согласат на исплата помала од наведената, а таму каде нема синдикат, работниците да се соберат барем 60-70 % од нив да се потпишат на спогодбата. – велат од „Гласен текситец“.

Од прекинување на договор за вработување на неопределено додека се на операција, значи фалсификување на потпис, до тоа што мајка го прекинала боледувањето, а има мало дете со сериозно заболување бидејќи газдата така ѝ кажал, 100 денари плата, несреќи на работно место за кои никој не презел одговорност… ова се дел од секојдневните ситуации во македонскиот текстилен кластер за кои Здружението на граѓани на текстилните, кожарските и чевларските работници „Гласен Текстилец” од Штип на чело со претседателката Кристина Ампева упорно се бори.
Посебна тема, пред крајот е календарската година, е исплатата на К15, обврска на работодавачите проследена со низа злоупотреби од страна на работодавачите, вклучително и оние од текстилниот кластер.
Како што вели Ампева, се очекува добар дел од работодавците да бидат во загуба да ја исплатат, како што вели, смешната сума за К15 на робовите кои им работат, но затоа зголемен им е возниот парк со нови џипови Затоа таа ги повика од УЈП да ги проверат фирмите кои ќе пријавуваат загуба, а купиле нови џипови од салон во износ и до 100.000 евра.

И овој декември, пред крајот на календарската година, актуелно ќе биде прашањето за (не)регуларната исплата на К15 за што одржавте и работилница во „Гласен текстилец”. Што очекувате дали работодавачите од приватниот сектор во текстилниот кластер ќе ја исполнат својата законска обврска?

– Правото на регрес за годишен одмор е право кое ги следува сите работници кои имале 6 месеци стаж во календарска година кај ист работодавач. Сумата за К15 е зголемена согласно зголемувањето на минималната плата и просечната плата и изнесува годинава од 10.080 до 14.000 денари. Но, затоа пак делот со манипулација на исплатата на К15 останува во колективниот договор, така да, работодавачите лесно ќе пријават загуба (независно дали тоа ќе биде инвестиција или нов џип). Баш ќе биде убаво и вие како новинари по 31.12.2019 година да побарате од Организација на работодавачи или/и од Текстилниот кластер колку тоа од нив го испочитувале законот без манипулации и исплатиле К15 во полн износ.

Што им порачувате на работниците, како да се борат за ова свое право?

– Она што ги советуваме е во фирмите каде има синдикат да не се согласат на исплата помала од наведената, а таму каде нема синдикат, работниците да соберат барем 60-70 % од нив да се потпишат, да номинираат свој претставник и на спогодбата која треба да се потпише со работодавачот, да не прифаќаат помала сума. Работодавачот не смее да исплати регрес без потпишана спогодба и затоа е важно работниците да бидат храбри, да ги слушаат нашите насоки и си ги бараат законски своите права.

Дали очекувате дека многу работодавачи ќе ја бараат сумата назад и што ќе превземете како здружение во таквие случаи?

– Искрено, за разлика од почетокот кога почнавме со работа, многу помалку имаме сознанија дека се бара К15 назад, но постои како појава, го има и тоа е кривично дело. Поради тоа, дури и министерката за труд и социјална политика знаејќи за ваквите кривични дела, на неколку наврати на средба со работници и работнички, им укажа дека тие појави треба да се санкционираат со соодветна пријава во МВР и дека таа лично стои зад тие кои ќе пријават.

Околу 300 работнички од текстилната индустрија пред еден месец протестираа против барањата на работодавачите – протест за кој велите дека е историски момент и дека сте го доживеале многу емотивно. Зошто? Дали ве радува што полека работниците и работничките се освестуваат за своите права и стануваат поревносни во својата борба?

– Протестот беше плод на нашата неколкугодишна искрена работа, секојдневна борба, средби кои траеле со часови, пријави, победи, но и многу тажни моменти и сведоштва. Дури ни јас не го очекував тоа и кога дојдоа во број во кој дојдоа, беше огромно изненадување за мене, дека ете, препознаа дека не имаат како соборци, како некои кои се трудат да ги подобрат состојбите и работат за нивно добро и покрај малите надлежности кои ги имаме како НВО. Сега после тој протест, кога ја видовме и на дело нивната доверба (бидејќи тие 4 години се криеја зад камери, пријави ) имаме многу поголем мотив да работиме уште повеќе. Знам дека следниот пат кога ќе наидеме на поголем проблем , не ќе се 300, туку 3.000 или повеќе. За овие работници (од кои и јас сум била дел пред некоја година), да дојдат и јавно да дадат поддршка, значи дека сме се потрудиле и ја уживаме нивната доверба. Сега само треба да работиме со исто и посилно темпо за секодневно ја оправдуваме таа доверба.

Како ја оценувате годината која изминува во однос на работата на „Гласен текстилец”, што позитивно, а што негативно направи државата во овој сектор?

– Пак ќе пишам и овде, „Гласен Текстилец” нема надлежности какви би сакале да имаме, но на крај ние сме само здружение на граѓани. Не можеме да влегуваме во фирмите, не сме ниту инспекторат ниту синдикат. Се што правиме, правиме однадвор. И тешко е.

Задоволни сме што сме вклучени во новиот закон за работни односи и законот за синдикати и колективно договарање. Задоволни сме што имаме соработка со дел од подрачните единици на трудов инспекторат. Задоволни сме во врска зголемувањето на минималната плата, која што за три години се покачи два пати. Најмногу сум задоволна од тоа што имаме коректна и фер соработка со Министерството за труд и социјална политика, особено со министерката Царовска. Освен што се труди да ја подобри соработката меѓу социјалните партнери (која се одвива многу тешко, сум била и сведок), често пати препознавајќи ја нашата работа, присутна е на наши настани, сака одблизу да слушне што се случува со работничките права, ги охрабрува истите тие работнички и работници редовно да пријавуваат и ги користат механизмите за заштита.
Неколкупати имам потенцирано, наместо војна да водиме со ова министерство, а да бидеме обединети со синдикатите, ситуацијата е спротивна. Зошто, гледаме 30 години, дека синдикатот ја заборавил својата дејност.

Сметам и дека доволно ги доближивме овие состојби до народот, работниците, институциите, властите.

Има уште многу работа, состојбите се далеку од нормални или задоволителни, но наше е да работиме, да бараме правда, да бараме услови и плати за достоинствен живот, законите да важат за сите и имаме силни синдикати и институции кои ќе ги имплементираат тие закони и ќе работат за доброто на работниците и работничките.

 

Извор:  MKD.mk