Во градежниот сектор во моментов работат над 58 илјади лица, но бројот на проекти поврзани со градежништвото е толку голем, што градежниците стануваат дефицитарен кадар во нашата земја, изјави вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, на одбележувањето на 70-годишнината на Градежниот факултет во Скопје.
– Владата на Република Северна Македонија увиде дека се дефицитарни кадрите од техничките науки, за таа цел преземавме иницијатива, да го подигнеме пред се капацитетот и квалитетот на техничките факултети, во интерес на задоволување на побарувачката и понудата на пазарот на труд. Пазарот на труд бара инжинери, Владата заедно со министерството за образование и наука, набрзо ќе излезе со план како да се унапреди работата на техничките факултети. Ова ќе биде многу значајно за унапредување на економијата, затоа што економија без квалитетни кадри нема, а не смееме да дозволиме недостаток на кадри од техничките науки да стане лимитирачки фактор за развојот на економијата – нагласи Анѓушев.
Тој ја потенцираше значајноста на градежништвото во креирањето на бруто домашниот производ на земјата.
– Ние сме градежна нација, со квалитетни кадри во градежништвото, а коренот е токму во Градежниот факултет. Градежништвото, заедно со индустријата и земјоделството е еден од трите главни столбови во креирањето на Бруто домашниот производ, со директно учество од 6-7% во БДП, односно промет помеѓу 600-700 милиони евра на годишно ниво – посочи Анѓушев.