Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска оцени дека и рејтинг агенциите потврдуваат дека државата запловила во мирни води и дека економијата и буџетот е стабилизиран.
Одговарајќи на новинарско прашање, денеска во Велес потсети на објавените податоци за раст на бруто домашниот производ во првиот квартал е 3,1 проценти, порастот на индустриското производство во јули 2019 во однос на јули 2018 за 5,8 проценти и кумулативниот раст за седумте месеци од годинава за 4,9 отсто.
„Значи тоа се едни економски параметри кои рефлектираат стабилна економска политика што ја води оваа Влада и мислам дека со таква стабилна економска политика покажавме дека државата има просперитет. Само да потсетам дека економијата што ја наследивме беше минус, а од пад на бруто домашниот производ во вториот квартал во 2017 година континуирано има раст”, изјави Анѓушев.
Тој информираше и дека бројот на невработени константно опаѓа и сега е на рекордното најниско ниво од 17,5 проценти, и дека над 54 илјади луѓе се вработени во овие две години.
„Тоа што најмногу ме радува од последниот извештај на Државниот завод за статистика е што бруто инвестициите во државата во вториот квартал годинава во споредба со вториот квартал лани пораснале за 11,1 проценти, а тоа значи дека има инвестиции како во индустријата, така и во градежништвото. Ваквите проекти само ќе придонесат и кон раст на градежништвото и кон користење на капиталните инвестиции и од буџетот и надвор од буџетот”, рече Анѓушев.