Бизнисот со осигирување неживот, па и живот, во земјава доживува бум каков што немало досега. Иако македонските граѓани важат за неодговорни кон себе и кон имотот со кој располагаат, барем според кажувањата на осигурителите и споредбата со другите држави, сепак се чини, почнале да ги менуваат своите навики. Или, пак, осигурителните компании нашле начин како да допрат до совеста и одговорноста на обичниот човек и да го убедат, покрај атомобилот, да го осигура и другиот имот, да се осигура од незгода, а евентуално и својот живот.
Па така, за 10 години бизнисот на осигурителните компании за живот е зголемен за дури четири пати, а на компаниите за осигурување неживот за двапати. Но, анализата на бројките што ја направи порталот „Пари“ покажува дека осигурителите од областа на неживот имаат поуспешен бизнис затоа што исплатиле помалку штети.
Осигурителните компании за живот во 2013 година имале бруто полисирана премија во вкупен износ од 729,5 милиони денари (11,9 милиони евра), а 2023 година ја завршиле со 2,5 милијарди денари (40,5 милиони евра).
Бизнисот на 11-те осигурителни компании за неживот е многу поголем. Во 2013 година имале вкупна бруто полисирана премија од 6,5 милијарди денари (105,1 милион евра), а во 2023 година дури 11,9 милијарди денари (192,8 милиони евра).
Согласно овој тренд, има раст и во износот на бруто исплатените штети. Но, тука многу подобро поминале осигурителните компании за неживот, бидејќи растот на бруто исплатените штети е горе-доле ист со растот на бруто полисираната премија. Осигурителните компании за неживот во 2013 година исплатиле бруто штети во износ од 2,8 милијарди денари (46,3 милиони евра), а во 2023 година од 5 милијарди денари (80,7 милиони евра). Ова покажува дека овој износ е зголемен помалку од двапати.
Но, кај осигурителите од областа на живот, бруто исплатените штети во 2013 година изнесуваат 114,3 милиони денари (1,9 милиони евра), а во 2023 година дури 856,9 милиони денари (13,9 милиони евра). Осигурителните компании за живот се соочени со драстичен раст на износот на бруто исплатени штети во целиот период од изминатите 10 години. Само во последните пет години овој износ е зголемен за повеќе од двојно, што значи дека и многу граѓани се соочиле со сериозни здравствени проблеми или со смрт. Една од причините за овие состојби најверојатно се Ковид-пандемијата и пост-Ковид последиците.
Нема поголеми промени во поделбата на колачот
Кога се анализира работењето на осигурителните компани посебно, може да се забележи дека нема поголеми промени во пазарниот удел. Во доменот на неживотното осигурување и понатаму „Триглав осигирување неживот“ е најголема со најголем износ на бруто полисирана премија, која во 2023 година изнесувала 1,47 милијарди денари и бележи благ пад во однос на 2022 година, кога била 1,52 милијарди денари. Минатата година „Триглав осигурување“ забележал и помал износ на исплатени штети – 596,6 милиони денари, а во 2022 година исплатиле 638,2 милиони денари.
Веднаш зад „Триглав“ е „Еуролинк осигурување“ со бруто полисирана премија од 1,34 милијарди денари во 2023 и со пораст во однос на 2022 година, кога изнесувала 1,13 милијарди денари. Оваа компанија лани исплатила бруто штети во износ од 441,9 милиони денари, а во 2022 од 373,3 милиони денари.
Според бруто полисираната премија во 2023 година, следуваат „Уника“ со 1,31 милијарда денари, „Сава осигурување“ со 1,26 милијарди денари, „Винер – ВИГ“ и „Македонија осигурување ВИГ“ со по 1,16 милијарди денари и „Кроација осигурување“ со 1,1 милијарда денари. Под милијарда денари се „“Евроинс, АД „Осигурителна полиса“, „Халк осигурување“ и „Граве осигурување неживот“.
Најголем износ на бруто исплатени штети во 2023 година имаат „Триглав осигурување“ (596,6 милиони денари), „Кроација осигурување“ (582,6 милиони денари) и „Сава осигурување“ (561 милион денари). „Македонија осигурување ВИГ“ исплатила бруто штети од 497,4 милиони денари, „Уника“ од 485,1 милион денари, „Винер ВИГ“ од 454,5 милиони денари, „Еуролинк“ од 441,9 милиони денари, „“Халк осигурување“ од 394 милиони денари, „Граве“ од 350 милиони денари, „Евроинс“ од 343,6 милиони денари и АД „Осигурителна полиса“ од 259,3 милиони денари.
Во областа на осигурување живот, најголем износ на бруто полисирана премија во 2023 година има „Кроација осигурување живот“ (732,3 милиони денари) со минимално зголемување во однос на 2022 (719,7 милиони денари). На второ место е „Граве живот“ со 505,2 милиони денари во 2023 година, речиси идентично колку и во 2022 година. Следува „Винер лајф ВИГ“ со 494 милиони денари во 2023 година и значителен раст на бруто премијата на полисите во однос на 2022 (399,6 милиони денари). На четвртото место е „Триглав осигурување живот“ со 450,4 милиони денари во 2023 година и исто така позначителен раст во однос на 2022 (367,4 милиони денари). Потоа е „Уника лајф“ со бруто полисирана премија од 307,2 милиони денари, а последна е „Прва живот“ со 94.000 денари, која практично започна со работа на крајот од минатата година.
Кај исплатата на штетите најголем износ има „Кроација осигурување живот“ (356,7 милиони денари), а потоа се „Граве живот“ (233,7 милиони денари), „Винер лајф ВИГ“ (113,8 милиони денари), „Триглав живот“ (104,1 милион денари) и „Уника лајф“ со 48,7 милиони денари.
Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/biznisot-so-osiguruvanje-nezivot-rastura-vo-makedonija/