СО ДЕКЕМВРИСКАТА ИНФЛАЦИЈА НА ХРАНА СМЕ ЈА ПРЕТРКАЛЕ И ХРВАТСКА – Што би било без кошничката?

Бојкотот на продавниците во Хрватска одекна ширум Балканот. Хрватските граѓани, испровоцирани од високите цени на храната, решија да не пазарат! Вестите што стигнаа од оваа европска земја беа дека некои трговци се дрзнале да стават маржи и до 40 проценти. За вакви маржи се зборуваше и во Македонија. И оваа, како и претходната влада, го вперуваше прстот во трговците, зборувајќи за безобразно високи заработки. Се смислија таканаречени кошници. Новогодишната кошница траеше од 15 декември до 15 јануари и опфати над 1.000 производи коишто биле понудени од страна на компании по цени пониски од десетина проценти. Ова придонесе за намалување на трошоците за храна за 0,3 насто во декември во однос на ноември, но споредбата на трошоците за храна во декември 2024 година во однос на декември 2023 година покажува дека тие пораснале за дури 5,6 насто, што е повеќе од декемвриската годишна инфлација и на Хрватска и на сите земји од Западен Балкан, покажува анализата што ја направи Пари. Очигледно, ако не беше притисокот од власта за намалување на цените, инфлацијата уште повеќе ќе земеше замав.

Процент на инфлација на храна во декември на годишно и на месечно ниво во земјите од Западен Балкан, плус Хрватска и Словенија

Од податоците може да се види и дека декемвриската инфлација на храна се намалува во однос на ноемвриската само во Македонија, Србија и Црна Гора.

ПРОСЕЧНАТА ИНФЛАЦИЈА НА ХРАНА ЗА ЦЕЛА 2024 ГОДИНА Е НАЈВИСОКА ВО ХРВАТСКА

Кога почнува една година, секогаш се сумира просекот од претходната. Просечното ниво на инфлација на храна во цела 2024 година е дефинитивно пореалниот податок за движењето на цените во претходната година, а тука Македонија поминала подобро и од Србија и од Хрватска.

Просечната инфлација на храна во 2024 година во однос на 2023 година кај нас била 2,9 насто, во Србија била 3,3 насто, а Хрватска поминала најлошо, со 3,9 насто. Оваа бројка открива зошто на Хрватите им се стемни. Ваква просечна инфлација за цела година во однос на просечната инфлација од претходната година, немал никој во регионов!

Најмалку, пак, за цела 2024 година, трошоците за храна пораснале во Црна Гора, за 1,3 насто.

Процент на просечна инфлација на храна во 2024 година во однос на просечна инфлација на храна во 2023 година

ВКУПНАТА ИНФЛАЦИЈА КАЈ НАС Е ПОМАЛА САМО ВО СПОРЕДБА СО СРБИЈА

Регионалната анализа покажува дека и во однос на вкупната инфлација, Македонија лошо стои. Со просечната инфлација од 3,5 насто во 2024 година во однос на 2023 година, кај нас има пониска инфлација само во однос на Србија, каде што е 4,6 насто. Од земјите од Западен Балкан, податоците покажуваат дека најниска инфлација имала Босна и Херцеговина, 1,4 насто.

Вкупна просечна инфлација во 2024 година во однос на просечната во 2023 година

Целата анализа на следниот линкhttps://pari.com.mk/so-dekemvriskata-inflacija-na-hrana-sme-ja-pretrkale/