И покрај програмската определба на Владата за државно обезбедување на училиштата наместо тоа да биде во рацете на приватни агенции, почетокот на новата учебна година откри дека заложбата останува само идеја на хартија. Медиумите сѐ погласно бараат одговор на прашањето дали и зошто Владата се откажа од оваа замисла, а порталот „Пари“ ги анализира јавните набавки за приватните агенции за обезбедување на училиштата.

Во Комората за приватно обезбедување членуваат 49 агенции, но според нашето пребарување на сајтот за јавни набавки, обезбедување на основни и средни училишта вршат осум агенции. Се работи за училишта во Скопје, Охрид, Кавадарци и во Неготино. Со пребарувањето по агенции не дојдовме до информација дека и во другите градови вршат обезбедување на училишта.

Договори има разни, од околу 5.000 евра до над 20.000 евра. Договорите обично се за осигурување на имот и лица за време на учебната година, но во некои од договорите на компаниите за обезбедување најдовме на повремени услуги, како што е, на пример, патролски обиколки и кога децата се на распуст. Во некои договори се бара и двосменско обезбедување.

ВО ГЛАВНИОТ ГРАД СЕ ОБЕЗБЕДУВААТ 18 УЧИЛИШТА

„Сокол обезбедување“ ДООЕЛ добил шест тендери за училишта низ Скопје, во вкупна вредност од 73.500 евра.

„Сокол обезбедување“ за обезбедување на СЕТУ „Михајло Пупин“ за учебната година до 10 јуни ќе добие 1.062.000 денари со вклучен ДДВ. Ќе го обезбедува и ОУ „Гоце Делчев“ од Илинден за 1.052.560 денари. Обезбедувањето на АСУЦ „Боро Петрушески“ чини 757.206 денари, а пишува дека договорот е за 12 месеци (со исклучок на периодите кога има распуст). „Сокол“ го добил и обезбедувањето на ОУ „Димитар Миладинов“ за 300.000 денари, на СМУ „Панче Караѓозов“ за 535.000 денари. За склучениот договор со средното училиште „Васил Антевски-Дрен“ договорот е 817.737 денари со ДДВ.

И скопската фирма за обезбедување на имот и лица „Секјурити груп сервисис“ добила шест тендери, а вкупниот износ е речиси 63.000 евра.

СУГС Гимназија „Панче Арсовски“ – Скопје го обезбедува Секјурити Груп Сервисис за 624.456 денари. Оваа агенција ги обезбедува и скопските СУГС „Шаип Јусуф“ за 630.120 денари, потоа СУГС „Кочо Рацин“ за 475.540, СУГС „Браќа Миладиновци“ за 477.900 денари, СУГС Гимназија „Орце Николов“ за 800.000, СУГС „Владо Тасевски“ за 849.600 денари.

Скопската агенција за обезбедување „Шпата“ годинава ќарила три договори за обезбедување училишта, сите во Скопје. Вкупната вредност им е безмалку 40.000 евра.

За СУГС „Цветан Димов“ договорот е 1.003.000 денари, за СУГС „Зеф Луш Марку“ е 706.230 денари, а за СУГС „Арсени Јовков“ е 706.230 денари.

Агенцијата за обезбедување „ИСГ бранител“ годинава има склучено договори за обезбедување на три скопски училишта, а вкупната вредност е околу 32.000 евра.

Го обезбедува СУГС „Лазар Танев“ за 1.331.040 денари. Физичкото и патролно обезбедување за ОУ „Свети Кирил и Методиј“ – Центар чини 299.720 денари, но како што може да се види, станува збор за период од 17 јуни до 30 ноември годинава. Услугите од Агенцијата за обезбедување за потребите на ООУ „Киро Глигоров“ се 354.000 денари.

ОБЕЗБЕДУВАЊЕ ВО ОХРИД

Охридската агенција „Питон“ за обезбедување на охридските училишта: средното „Св. Кирил и Методиј“, електро-машинскиот училишен центар „Свети Наум Охридски“ и гимназијата „Свети Климент Охридски“ има рамковен договор од 1,3 милиони денари, но склучен договор досега од 127.735 денари. Оваа агенција го добила и договорот за ОУ „Христо Узунов“. И таму има голема разлика меѓу проценетата вредност и склучениот договор кој е во износ од 1.121.000 денари.

БИТОЛСКА АГЕНЦИЈА ГИ ЧУВА КАВАДАРЕЧКИТЕ УЧИЛИШТА

Агенцијата „Ројал секјурити“ од Битола има полни раце работа во Кавадарци. Врши обезбедување во: ОУ „Димката Ангелов Габерот“ за што е склучен договор од 999.936 денари, ОУ „Тошо Велков-Пепето“ за 1.099.991 денар, ОМБУ „Лазо Мицев Рале“ за 999.932, СОУ Гимназија „Добри Даскалов“ за 499.999, ОУ „Тоде Хаџи-Тефов“ за 1.049.964, ООУ „Гоце Делчев“ за 489.936 денари.

Вкупната вредност на овие договори е 83.537 евра.

ГЕВГЕЛИЧАНИ СЕ ГРИЖАТ ЗА БЕЗБЕДНОСТА НА НЕГОТИНЦИ

„Армор“ од Гевгелија годинава го осигурува ООУ „Гоце Делчев“ од Неготино за 504.768 денари. Обезбедувањето треба да се врши седум часа дневно во текот на девет месеци, без викендите.

Во својата програма за работа за периодот од 2024 до 2028 година Владата предвидела промена во начинот на кој ќе се обезбедуваат училиштата, односно се предвидува формирање на државна агенција за обезбедување.

„Фокусот на Владата ќе биде ставен на превенцијата и заштитата на децата и младите како наш највреден општествен ресурс. Од тие причини, предвидуваме, за разлика од сега кога училиштата ги чуваат приватни агенции за обезбедување, државата да ја преземе обврската за гарантирање на безбедноста на училиштата и на нашите најмлади – преку формирање на државна агенција за обезбедување“, пишува во Програмата на Владата.

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/sokol-najmnogu-demne-nad-ucenicite/