Бизнис-секторот во земјава ќе ја памети 2024 како уште една нестабилна година, обележана со засилени турбуленции поради сѐ уште нестабилизираните пазари, особено поради економската криза во Германија, поради инфлаторните притисоци и недостигот на работна сила на пазарот. Како компаниите ја одржуваа својата финансиска кондиција во вакви услови? Дали се потпираа на расположливите финансии и се воздржуваа од нови задолжувања или, пак, беа принудени да ги зголемуваат своите краткорочни и долгорочни обврски за да останат конкурентни на пазарот или да инвестираат во раст и развој?

Порталот Пари ја анализираше финансиската слика на компаниите котирани на Македонската берза преку нивните неревидирани финансиски извештаи за 2024 година. Од оваа анализа заклучивме дека компаниите во минатата година ги зголемиле своите краткорочни обврски по основ на кредити, заеми и хартии од вредност за 8,3 насто, додека нивните долгорочни обврски по истиот основ се зголемиле за 12,3 насто.

Но, сликата не е еднолична и покажува дека не позајмиле сите компании пари за да го финансираат своето работење. Од 76 анализирани компании од реалниот сектор, односно без банките и осигурителните компании, 26 компании ги зголемиле своите обврски по основ на краткорочни кредити и хартии од вредност. Овде влегуваат не само задолжувања по основ на кредити кај банките, туку и разни позајмици на компаниите од други субјекти.

Најголем раст на задолженоста на краток рок има кај Макошпед, од дури 299.917 насто, односно обврските на компанијата се зголемени од 18.000 денари на 54 милиони денари.

Од вкупниот број котирани компании, 14 во 2024 година ги свеле своите краткорочни обврски на нула или, пак, останале на истото ниво на задолженост како и во 2023 година.

Намалување на краткорочните обврски има кај 18 котирани компании, од кои најголем пад на задолжувањето имаат Хотели Метропол. Оваа компанија ги намалила краткорочните обврски за 77 насто, од 4,5 милиони денари на 1 милион денари.

Кога станува збор за долгорочните обврски на котираните компании по основ на кредити, позајмици и хартии од вредност, само 15 компании во минатата година решиле да го зголемат своето задолжување со цел финансиски да го поддржат своето работење. Меѓу овие компании, најголем раст на долгорочните обврски, од 339 насто, има МЗТ Пумпи, со што нејзините обврски пораснале од 14,3 милиони денари на 62,8 милиони денари.

За разлика од погорните, 22 компании во 2024 година се раздолжиле со банките и другите кредитори и решиле да не се задолжуваат одново или, пак, воопшто немале долгорочни финансиски обврски по основ на кредити и позајмици.

Во следната група се 21 компанија коишто во минатата година ги намалиле своите долгорочни финансиски обврски кај кредиторите, што од една страна може да се толкува како растоварување на нивните финансии, а од друга страна веројатно и како сигнал дека немаат потреба од надворешна финансиска инјекција. Останува да видиме како ќе влијае тоа врз нивното работење во 2025 година. Убедливо најголем пад на долгорочните финансиски обврски, од дури 85 насто, има кај градежната компанија Гранит.

Интересно е дека од котираните компании на Македонската берза има и такви коишто немаат никаква задолженост по основ на кредити, позајмици и хартии од вредност. Дури 18 компании немале краткорочни и долгорочни обврски за кредити и позајмици ниту во 2023 ниту во 2024 година. Тие се: Окта, Македонија турист, БИМ Свети Николе, Прилепска пиварница, Европа, ТЕАЛ Тетово, Силекс Кратово, Раде Кончар Апаратна техника, Оилко КДА, ЖАС Скопје, Стокопромет, Рудници Бањани, Тетекс, РЖ Економика, Македонски телеком, РЖ Техничка контрола, Мода Свети Николе и Интерпромет.

Од целата анализа произлегува дека во минатата година поголем број компании ја намалиле својата задолженост кај банките и другите кредитори. Прашањето што се наметнува е дали тоа го направиле на своја иницијатива или, пак, и да сакале не можеле да обезбедат свеж финансиски капитал за да го финансираат работењето?

Што покажува анализата на Народната банка во овој поглед? Според последниот квартален финансиски извештај на НБРМ, износот на вкупните кредити одобрени од банките за корпоративниот сектор во четвртиот квартал од 2024 година бележи силен раст на квартална основа, од 8,2 насто. Во Анкетата за кредитната активност за четвртиот квартал од 2024 година, банките укажуваат на посилно нето-зголемување на побарувачката на вкупните кредити од страна на претпријатијата, но и на послабо нето-олеснување на вкупните кредитни услови, во споредба со претходната анкета.

„Од валутен аспект, најголемиот дел од прирастот произлегува од кредитите во домашна валута. Според рочната структура, растот произлегува од долгорочните кредити, при умерен позитивен придонес и на краткорочните кредити. На годишно ниво, вкупните кредити на претпријатијата на крајот од четвртиот квартал се повисоки за 13,9 насто (7,5 насто на крајот од претходниот квартал)“, заклучува Централната банка.

Банките во земјава биле порасположени за олеснување на кредитните услови за домаќинствата отколку за компаниите, споредено со анкетата на НБРМ од претходниот квартал.