КОИ ФИРМИ ИМААТ НАЈГОЛЕМ РАСТ НА ДОБИВКА?

Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ од Битола во 2023 година ја зголемил добивката за дури 1.198%Тоа е најголемиот раст постигнат од компанија која е на листата 100 најголеми според добивката. Импозантен е и растот на Друштвото за производство, трговија и услуги „Ел Те инженеринг“, кое се занимава со изведба, ремонт и ревитализација на енергетски капацитети и индустриски постројки, а за една година успеало да направи 1.050% поголема добивка, покажува анализата на порталот „Пари“ во соработка со Бизнис.мрежа.мк.

Податоците за 100-те најголеми компании по оваа основа покажува дека во ова друштво се случиле промени во 2023 во однос на 2022 година, токму поради тоа што некои од нив имале огромен раст на добивките. Притоа, она што може да се заклучи е дека ланската година била многу поволна за енергетските компании, затоа што тие имале огромен раст на добивките и така се пласирале во првите 100 фирми со најголеми профити.

ТОП 10 компании со најголем раст на добивката од 100 најголеми по добивка во 2023

Податоците покажуваат дека сите овие компании, освен ЕВН Македонија, во 2022 не биле во рангираните 100 најголеми по добивка, но во 2023 година се дел од таа листа.

ЕВН Македонија во 2023 се позиционирала на четвртото место, а во 2022 година била на 52-то место.

Минатата година била многу подобра за земјоделскиот комбинат „Пелагонија“. Добивката од 8,2 милиони евра е речиси 14 пати поголема од остварената во 2022 година, кога компанијата инкасирала профит од 630.000 евра.

И се посреќило и на „Ел Те инженеринг“, која во своето портфолио има изградба на гасоводни делници низ Македонија. Таа лани направила профит од 2,9 милиони евра, а во 2022 година – 255.000 евра.

Друштвото за трговија и снабдување со енергија „Протегиа Енерџи“ имало скок на профитот за 960% и заработило 11,6 милиони евра.

Многу повеќе работа имала и фирмата „Пофикс“ која е за градежни материјали. Профитот и скокнал за 795% и лани бил 3,8 милиони евра.

Централ Инвест“ на бизнисменот Кочо Анѓушев е за изградба на централи од обновливи извори на енергија и за трговија со електрична енергија. Компанијата лани направила профит од 3,3 милиони евра, а тоа е раст од 529% во однос на 2022 година.

Од градежниот сектор може да се пофали „Крмзов-МР“ ДООЕЛ – Струмица со профит од 9,3 милиони евра, кој е за 510% поголем од оној во 2022 година.

Друштвото за маркетинг, комуникации и услуги „Магна Еуропе“ експорт-импорт ДООЕЛ Скопје речиси петпати си ја зголемило сметката и лани заработило добивка од три милиони евра.

И „Интебако“ е од светот на енергетиката. Монтира фотоволтаични панели. Лани компанијата имала профит од 3,2 милиони евра, или 323% поголем профит од 2022 година.

Синпекс“ ДОО Битола е компанија за продажба и сервисирање на земјоделска механизација. Лани направила профит од три милиони евра, зголемен за 261% во споредба со 2022 година.

Следно од Серијалот 100 најголеми: 100 најголеми работодавачи во 2023

Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/koi-firmi-imaat-najgolem-rast-na-dobivka/