Во своето обраќање на TAIEX работилница за Дигитални општини – транспарентен и ефикасен јавен сервис, организирана од Центар за развој на Скопски плански регион и поддржанa од Европската унија, дополнителниот заменик на министерот за информатичко општество и администрација, Стефан Андоновски ја истакна итната потреба на Македонија да ги прифати дигиталните иновации за подобрување на јавните услуги и управувањето.
Дополнителниот заменик министер ги нагласи предизвиците со кои што моментално се соочуваме во дигитализирањето на нашиот систем, како што се финансиските ограничувања, застарената инфраструктура и ограничените дигитални вештини . Тој ја подвлече важноста од усвојување сеопфатен пристап кон дигитализацијата кој е достапен, лесен за користење и инклузивен за сите граѓани.
„Неопходно е да се подигне свеста кај носителите на одлуки дека дигиталната трансформација не е висока политика и апстрактен поим, туку реална потреба кој како последица ќе создаде бројни бенефити за економскиот и општествениот развој на државата. Едноставно, ова е национален проект од највисоко значење.“
Андоновски, укажа на разликите помеѓу нашата земја и соседните земји од регионот во однос на дигиталниот напредок. Тој истакна дека многу основни услуги сè уште се недостапни на интернет, принудувајќи ги граѓаните физички да ги посетуваат владините канцеларии, губејќи време и ресурси. Нагласувајќи ја потребата од јасна национална стратешка рамка, Андоновски смета дека дигиталната трансформација ќе донесе зголемена ефикасност, транспарентност и довербата на граѓаните во владините институции.
„Процесот на дигитализација ќе биде и лек за корупцијата“ истакна Андоновски.
„Од ситна корупција кај обичен административен службеник кој би требало да заврши некоја едноставна процедура, до крупна корупција кај инспектор за да не казни очигледно кршење на законите. Резултатот – загадување на животната средина, бесправно градење, спорни јавни набавки, крадење на државните пари, расходување на државните ресурси.“
Затоа, според Андоновски, носителите на одлуките и граѓаните треба да ја препознаат важноста на дигиталната трансформација и да работат заедно кон иднината каде што технологијата ќе им служи на потребите на сите граѓани, ќе се објективизираат процесите за да се избориме против корупцијата и ќе привлечеме нови компании.
„Целосна автоматизација на процесите до степен до кој постапката тоа го дозволува, со цел намалување на човечкото влијание од субјективно носење одлуки во работните процеси. Тоа е нашата цел и за тоа треба да дефинираме јасен и општоприфатен патоказ.” – нагласи Андоновски.
Како заклучок, Андоновски повика носителите на одлуки и граѓаните да ја препознаат исклучителната важност на дигиталната трансформација и да работат заедно кон иднината каде што технологијата ќе им служи на сите потреби на граѓаните.