Претседателот на Сојузот на стопанските комори на Македонија, г. Трајан Ангелоски, денеска ја отвори првата меѓународна коучинг-конференција во Скопје, на која ја истакна важноста на лидерството и коучингот како централни столбови за успешен развој и напредок во бизнис-секторот.
„Соочени со реалност полна со предизвици – одлив на таленти, економски и политички турбуленции, финансиски кризи и постојаните промени на глобално ниво – одговорноста на лидерите значително се зголемува. Бизнисите повеќе од кога било се потпираат на јаките лидерски вештини и на ефективниот коучинг за да ги надминат овие предизвици и да обезбедат стабилност и просперитет во услови на несигурност“, рече Ангелоски во својот поздравен говор пред присутните на коференцијата.
Тој додаде дека лидерството на 21 век бара од лидерите не само техничка експертиза туку и длабоко разбирање за луѓето со кои работат, односно човечки и емотивни вештини, кои создаваат продуктивна и инклузивна работна средина. Тука доаѓа коучингот како суштинска алатка за личен и професионален развој. Тој не е само метод за тренинг, туку процес за поттикнување на индивидуалниот потенцијал, подигнување на самосвесноста и самодовербата и ослободување на креативноста и иновациите кај вработените. Домашните компании, учејќи од меѓународните, почнуваат сè повеќе да ги препознаваат значењето на коучингот и лидерските вештини за раст и развој, меѓутоа разликата е видлива во пристапот кон формалното и неформалното образование. Во меѓународната практика, особено во развиените земји, постои долгогодишна култура на вклучување формални програми за развој на лидерски и коучинг-вештини во рамките на организациите.
Овие програми често се дополнети со неформално учење, вклучувајќи коучинг, менторство и едукативни работилници, кои им овозможуваат на лидерите и на вработените да ги развијат своите потенцијали во структуриран процес. т.е. успешното лидерство е она што инспирира, мотивира и ги претвора предизвиците во можности – токму тоа е улогата на коучингот во денешното деловно работење.