Делегација предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, Драган Тевдовски учествува на Пролетните средби на групацијата на Светскатa банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Вашингтон, САД. Предвидено е делегацијата да оствари средби со високи претставници на ММФ, СБ, Европската инвестициска банка (EИБ) и Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ), како и со претставници на други меѓународни финансиски организации и институции.

Во рамки на Средбите се закажани одделни состаноци на делегацијата со директорот на ММФ за Европа, Пол Томсен, со извршните директори на ММФ, Ентони де Ланој и Ричард Дорнбош, како и со шефицата на мисијата на ММФ за нашава земја, Џесмин Рахман. Во фокусот на состаноците со високите претставници на ММФ ќе бидат и монетарната политика, економскиот развој и економските показатели коишто ги следи централната банка, како и состојбите во банкарскиот сектор кај нас. Одделно внимание ќе ѝ биде посветено и на техничката помош којашто ММФ ѝ ја дава на Народната банка.

Постигнатите резултати од досегашната успешна соработка меѓу нашата централна банка и ММФ, подетално ќе бидат анализирани и на состаноците коишто гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе ги оствари со раководителите на неколку дирекции на оваа меѓународна организација, вклучително и дирекциите за статистика и за монетарни и капитални пазари. Истовремено ќе се дискутира и за можностите за поддршка од ММФ за дополнително унапредување на работата на Народната банка, преку техничка и советодавна соработка во сферата на стандардите за статистичко известување и на моделите за економско проектирање.

Предвидено е делегацијата да оствари состаноци и со заменик-претседателот на СБ за Европа и Централна Азија, Сирил Мулер, со регионалнната директорка на СБ за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, како и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Кун Дависе. На овие состаноци, меѓу другото ќе се говори и за финансискиот и банкарскиот систем, како и воопшто за финансиската стабилност на земјава. Делегацијата ќе оствари средба и со потпретседателката на ИФЦ за Латинска Америка, Карибите, Европа и Централна Азија, Георгина Бејкер.

На состанокот со потпретседателот на ЕИБ, Андре Мекдовел и со генералниот директор на ЕИБ за кредитни операции, Жан-Кристоф Лало меѓу другото ќе биде склучен меморандум за соработка меѓу Народната банка и ЕИБ во спроведувањето на Анкетата за кредитна активност на ЕИБ за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.

Како претставник на шесте земји од регионот коишто сѐ уште не се членки на Европската Унија, гувернерката Ангеловска-Бежоска ќе учествува и на состанокот на надзорниот одбор на Виенската иницијатива 2 којшто ќе се одржи во рамки на Средбите во Вашингтон.

Пролетните средби на ММФ и СБ се одржуваат секоја година и на нив учествуваат гувернерите на централните банки и министрите за финансии на земјите членки. Редовно, во дискусиите на Средбите, акцентот е ставен на актуелните случувања во светската економија и на важни теми како што се поттикнувањето на економскиот раст, намалувањето на сиромаштијата и промовирањето одржлив и инклузивен економски развој за сите целни групи во општеството.