Гувернерката Ангеловска-Бежоска, заедно со гувернерите на Австрија, Германија и Данска, учествуваше на панел-дискусијата „Влијанието на затегнувањето на монетарната политика врз финансиската стабилност“ на Европскиот форум „Смела Европа 2023“ којшто се одржа во Австрија. Во време на подолготрајни инфлациски притисоци, неспорно е дека клучен приоритет на централните банки мора да биде стабилизирањето на инфлацијата, за што е потребна затегната монетарна поставеност. За затегнувањето на монетарната политика да не создава ризици за финансиската стабилност, од клучно значење е да се преземат макро и микропрудентни мерки за одржување и натамошно јакнење на стабилноста на банкарскиот систем. Со преземање мерки на претпазливост, пред да започне монетарното затегнување или во текот на затегнувањето, се јакне капиталниот и ликвидносниот капацитет на банките и се обезбедува поголем простор за централните банки во борбата со инфлацијата.
Во својата дискусија, гувернерката Ангеловска-Бежоска наведе дека историски гледано, глобалната монетарна поставеност претставува најсинхронизираното и најсилно затегнување на монетарната политика во изминатите пет децении, со цел да се закотват инфлациските очекувања и да се намали стапката на инфлацијата. Но, повисоките каматни стапки може да го зголемат кредитниот ризик и да предизвикаат раст на нефункционалните кредити. Засега тоа не се случува, со оглед на тоа што во Европа и во регионот на ЦЈЕ тие се одржуваат на нивото под 4%, коешто е значително пониско ниво во споредба со претпандемичниот период. Кај нас нефункционалните кредити се уште пониски ‒ 2,8%.
Исто така, како резултат на глобалната регулативна реформа, којашто беше направена и од наша страна, преку повеќето мерки што ги презеде Народната банка, значително се зајакнати капиталниот и ликвидносниот капацитет на банкарскиот систем за ублажување на евентуалните ризици. Адекватноста на капиталот е највисока во последната деценија. Минатата година за првпат беше воведен контрацикличен заштитен слој на капиталот, а оваа година за првпат и макропрудентни мерки насочени кон квалитетот на побарувачката на кредити. Сепак, гувернерката посочи дека особено е важно да се продолжи со натамошно јакнење на макропрудентната и микропрудентната рамка, како и зајакнување на соработката со надлежните европски институции бидејќи во регионот најголемиот дел од активата на банкарскиот систем е во сопственост на банкарски групи од Европската Унија. Оттука, овозможувањето поголема вклученост во супервизорските колеџи и колеџите за решавање банки, коишто ги организираат европските институции, би било од големо значење во размената на информации и преземањето конзистентни и координирани активности.
На крајот на настанот, гувернерката оствари средба и имаше продуктивна дискусија за предизвиците на нашата економија со стипендистите од нашата држава кои присуствуваа на Форумот.
Европскиот форум во Алпбах, Австрија, којшто започна да се одржува во 1949 година е простор за обединување на младите луѓе од Европа и од целиот свет со најиновативните умови од политиката, бизнисот, граѓанското општество, културата и науката за да поттикнат идеи за силна и демократска Европа. Со оваа разновидна, меѓугенерациска и интердисциплинарна заедница, Форумот влијае на клучните учесници низ европскиот континент за да го олесни нивното учење и одлуки.