„Со оглед на фактот дека нивото на доходот кај нас е само околу 37% од европскиот просек, еден од главните предизвици за нашата економија е постигнувањето повисок степен на реална конвергенција кон економијата на Европската Унија“ – истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на самиот „Македонија 2025“. Таа учествуваше на панел-дискусијата на тема „Југоисточна Европа: Раст на неизвесности или посветла иднина?“.
Ангеловска-Бежоска посочи дека побрзата реална конвергенција бара повисоки стапки на економски раст, а тоа е можно само ако се зголеми потенцијалот за долгорочен раст. Затоа, како што кажа таа, неопходни се структурни промени кои ќе влијаат позитивно на трите долгорочни фактори на раст: човечкиот капитал, физичкиот капитал и продуктивноста.
Во рамки на дискусијата, гувернерката стави особен акцент на политиките коишто треба да придонесат за поголема искористеност на факторите на економскиот раст Во однос на трудот како фактор, таа ги посочи потребата за зголемување на стапката на учество, намалувањето на јазот помеѓу побарувачката и понудата на одредени вештини и зголемувањето на квалитетот на човечкиот капитал. Одделно се осврна и на потребата од зголемување на инвестициите, особено во инфраструктурата, истражувањето и развојот, со оглед на тоа што показателите упатуваат на постоење на поголем јаз во однос на поразвиените економии. Актуелните податоци за вкупната продуктивност во нашата економија, пак, според Ангеловска-Бежоска, јасно посочуваат на потребата за продолжување со структурни и институционални реформи со цел поддршка на продуктивноста и забрзување на реалната конвергенција.
Ангеловска-Бежоска се осврна и на улогата на дијаспората во економскиот развој на земјите од каде што потекнува. Притоа посочи дека дијаспората може да даде значаен придонес преку повеќе канали: приватните трансфери, поттикнувањето на странските инвестиции, поттикнувањето на трговијата, но и трансферот на знаењето и вештините, што може да влијае позитивно на продуктивноста и конкурентноста на малите економии.
На оваа панел-дискусија на самиот „Македонија 2025“, покрај гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, учествуваа и регионалниот главен економист на Европската банка за обнова и развој, Петер Табак, раководителот на канцеларијата на Меѓународниот монетарен фонд за Република Србија, Себастијан Соса и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески. Со дискусијата модерираше главната извршна директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска-Блажевски.