Иако последиците од глобалната финансиска криза во голема мерка се надминати, сепак банкарските системи од нашиот регион сè уште се соочуваат со потребата за натамошно зајакнување на финансиската стабилност, што треба да овозможи и солиден прудентен раст на кредитната поддршка. Оттука, потребно е да се продолжи со активности за зајакнување на регулативата и практиките, со истакнување на домашните извори на финансирање и натамошна консолидација на банкарските системи. Показателите упатуваат на голем број банки во споредба со големината на економиите во нашиот регион. Ова, меѓу другото, го истакна гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, на меѓународната конференција „Ризиците и можностите во постојаниот развој на финансискиот пејзаж – чекорење напред“, којашто вчера се одржа во Приштина, во организација на Централната банка на Косово. Таа беше еден од говорниците на конференциската сесија посветена на ризиците и можностите за натамошен развој на финансиските системи на земјите од Западен Балкан.
Во својата презентација, гувернерката посочи и на сè поголемото присуство на новите технологии во работењето на банките и на финтек-окружувањето, како предизвик за модернизација и дигитализација на начинот на нудење на финансиските услуги.
На сесијата за ризиците и можностите за натамошен развој на финансиските системи на земјите од Западен Балкан, покрај Ангеловска-Бежоска, учествуваа и гувернерот на Банката на Албанија, заменик-гувернерот на Централната банка на Косово, вицегувернерот на Централната банка на Црна Гора и директорот на Агенцијата за банкарство на Босна и Херцеговина, а претседавач беше заменик-директорката на Одделот за финансиски пазари на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Во рамки на конференцијата беше потпишан и меморандум за соработка меѓу дел од супервизорите на банкарските системи во регионот, во сферата на корпоративното управување на банките. Согласно со одредбите од меморандумот, во натамошниот период, супервизорите што се негови потписници ќе имаат и заедничка база на податоци за клучните елементи на рамката за корпоративно управување на банките, како што се сопственичката структура на банките и составот на нивните органи на управување и надзор и нивните надлежности.