По глобалната економска криза процесот на доходовна конвергенција во регионот на Западен Балкан забави во голема мера како резултат на структурните пречки поврзани со фундаменталните фактори на растот – човечкиот капитал, физичкиот капитал и продуктивноста, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на 9. конференција на Европската централна банка на тема „Менување на геополитичкиот пејзаж ‒ економски последици за Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ)“, што ја отвори претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.
Како што соопшти Народна банка, станува збор за настан од висок профил на кој учествуваат челниците на ЕЦБ, како и гувернерите на централните банки на земјите од ЦИЈИЕ.
-Симулациите покажуваат дека доколку продолжиме со истата релативна брзина на растот како досега, ќе ни требаат околу 40 години да го достигнеме просечното ниво на доход во ЕУ. Ризикот од геокономска фрагментација, доколку не е соодветно следен, може дополнително да ја забави конвергенцијата. За малите и отворени економии како нашата, коишто треба да ги надминат структурните пречки за раст, потребна е посилна глобална интеграција, а не дезинтеграција, истакна гувернерката.
Таа посочи и на одредени анализи, коишто покажуваат дека повисоката интеграција во глобалните синџири на вредност може да придонесе за повисоко ниво на бруто домашниот производ за 3 отсто до 10 проценти кај земјите од Западен Балкан.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска учествуваше со излагање во рамките на панел-дискусијата којашто ја водеше Франк Елдерсон, член на Извршниот одбор на ЕЦБ, а учествуваа и главниот економист на ЕБРД, главниот економист на Светската банка за Европа и Централна Азија и гувернерите на централните банки на Хрватска и Албанија.
Во своето излагање, гувернерката се осврна на досегашните придобивки од интеграцијата на регионот, вклучително и на македонската економија, во глобалните трговски и финансиски текови. Во изминатите две декади, трговската отвореност на регионот значително се зголеми, а особено на македонската економија којашто достигна околу 160 отсто од БДП. Паралелено со трговската, се зголеми и финансиската интеграција којашто достигна околу 200 проценти од БДП. Овие два паралелни процеса придонесоа за пораст на конвергенцијата, којашто од околу 20 отсто се зголеми на 40 проценти од БДП.
-Сепак, неодамнешните засилени геополитички тензии наметнуваат сериозни ризици за натамошниот тек на глобалната економска интеграција, со можни последици во повеќе области, вклучувајќи ги трговијата, финансиите, глобалните синџири на вредности и целокупниот процес на економска конвергенција. Притоа, во случај на фрагментација на глобалната економија, трошоците би можеле да бидат високи, особено за малите отворени економии во развој, одразувајќи се со повисоки увозни цени, помали и сегментирани пазари, намален пристап до технологии и работна сила и севкупно, намалена продуктивност и стандард на живеење, рече Ангеловска-Бежоска.
Но, како што посочи гувернерката, колку ќе бидат погодени земјите ќе зависи, меѓу другото, и од напорите на носителите на политиките за справување со ризиците, особено во поглед на искористувањето на можностите од евентуалниот процес на преместување на производството на мултинационалните компании на поблиски локации, што би било од интерес за земјите од Западен Балкан, коишто имаат географска и културна блискост со земјите од Западна Европа.
-Активна и многу важна улога во овој процес, но и поопшто, за справување се структурните предизвици, може да имаат и меѓународните и европските институции преку нивната поддршка на земјите од регионот, коишто сѐ уште немаат пристап до структурните и инвестициски фондови на ЕУ, порача Ангеловска-Бежоска.