Во втората половина од годината може да се очекуват повисоки стапки на раст што би ги надополниле отстапувањата од почетокот на годината, но клучно за тоа, според гувернерот на Народната банка на Република Македонија Анита Ангеловска-Бежоска, ќе биде дали активностите на поголемите инфраструктурни проекти ќе забрзаат и добијат на интензитет.
– Податоците за првото тримесечје покажуваат стагнација на економијата и понатамошен пад на инвестициите и овие остварувања се послаби од нашите оцени, што создава надолен ризик околу проектираниот раст за оваа година. Но, она што е исто така важно е што оваа слаба активност не е дисперзирана, туку концентрирана во градежништвото, односно инвестииците. Оттаму, сметам дека клучно ќе биде дали активностите на поголемите инфраструктурни проекти ќе забрзаат и добијат на интензитет. Доколку тоа се случи, не е исклучено во втората половина од годината да имаме и повисоки стапки на раст, со што дел од ова надолно отстапување на почетокот на годината би се надоместило, истакнува гувернерката во интервју за МИА.
Додава дека проектираниот раст на НБРМ во рамки на априлските проекции е 3,2 проценти за оваа година што се базира врз неколку клучни претпоставки – релативно поволно надворешно окружување, односно натамошно закрепување на странската побарувачка со позитивен импулс врз извозот, стабилен домашен политички амбиент, натамошен прилив на странски инвестиции, поголема искористеност на постојните странски капацитети, и особено важно, повторно отпочнување и засилување на циклусот на јавни инфраструктурни инвестиции.
Појаснува дека редовно ги следат сите висофреквентни показатели за економската активност и дека дел од нив даваат попозитивни сигнали за вториот квартал.
– На пример, падот на извршените градежни работи значително забави, прометот во трговијата бележи позабрзан раст, трговскиот дефицит се стесни, а поповолни поместувања се забележуваат и кај индикаторот за економскиот сентимент на Европската комисија. Сепак, бројот на расположливи индикатори, во овој момент е ограничен за да се направи посеопфатна процена за економската активност во вториот квратал од оваа година, вели гувернерката.
Во интервјуто истакнува дека нема промена на тековниот режим на девизниот курс и дека тој е адекватен и соодветствува со основните карактеристики на македонската економија.
– Ние сме мала и отворена економија, со висок степен на трговска и финансиска интеграција со ЕУ, висок степен на евроизација и брз пренос на промените на курсот врз домашните цени. Оттаму, стратегијата на стабилен девизен курс е оценета како оптимална стратегија, што може успешно да ја испорача ценовната стабилност, како основна монетарна цел, што, пак, е предуслов за економски раст и повисоко ниво на доход во економијата, потенцира Ангеловска-Бежоска.
Додава дека во повеќе наврати се покажало дека задржаната стабилност на девизниот курс била клучна за брзо стабилизирање на очекувањата на домашните субјекти, но и механизам што придонесува за прудентно водење на останатите макроекономски политики.
Според неа предноста од промена на режимот, вообичаено пропонентите на флексибилен курс, ја гледаат во можноста за користење на курсот како механизам за корекција на надворешната нерамнотежа, односно нерамнотежата во трговската сметка на билансот на плаќање, но, додава дека со висока увозна зависност на нашиот извозен сектор, лично не мислам дека ние би можеле да ја исползуваме оваа предност.
Во итнервјуто оценува дека банкарскиот систем на Република Македонија успешно ја одржува својата стабилност и отпорност на шокови, а значаен придонес кон тоа имаат прудентното однесување и управување во банките, како и долгогодишната практика на длабински и постојан надзор на нивното работење од страна на НБРМ.
– Во изминатиот период, банкарскиот систем помина реален стрес-тест во практиката и се покажа отпорен на негативните очекувања на јавноста што се формираа како последица на политичките случувања. Постепеното подобрување на очекувањата на економските субјекти, секако води кон подобрување на амбиентот за банките и подобрување на нивните оцени за ризиците, што, пак, би довело до подинамичен раст за депозитната и кредитната активност, вели гувернерката и додава дека потврда за ова е и заздравувањето на растот на депозитите на населението како носечки извор на финансирање на домашните банки, чијашто годишна стапка на раст достигна 8,8 проценти во мај 2018 година.
Банките, потенцира, во континуитет располагаат со адекватно ниво на ликвидност, додека солвентната позиција се одржува над законскиот пропишан минимум.
Во однос на каматните стапки вели дека цената на кредитите веќе подолг временски период постојано се намалува и дека од крајот на 2009 година досега, просечната каматна стапка на денарските кредити е пониска за над четири процентни поени и во моментов изнесува 5,8 отсто, што претставува историски минимум.
– Анкетните истражувања што ги спроведуваме, како на пример Анкетата за кредитна активност, покажуваат континуирано олеснување на кредитните услови, за населението од 2010 година, а за корпоративниот сектор од 2014 година наваму. Олабавувањето на монетарната политика, намалувањето на трошокот за финансирање преку падот на пасивните каматни стапки, релативно стабилниот амбиент, унапредувањето на управувањето со ризиците, како и растечката конкуренција се секако фактори што ја намалуваат цената на кредитите. Одредена улога веројатно имаа и нашите неконвенционални мерки во доменот на задолжителната резерва, што имаа за цел да го намалат трошокот за финансирање на дел од корпоративниот сектор. Дали и со кое темпо и интензитет, во иднина би се намалувале каматните стапки, тешко е да се каже. Евентуалните натамошни промени на активните каматни стапки би биле одраз на повеќе фактори, вклучително поставеноста на монетарната политика, перцепциите за ризиците, состојбите во реалниот сектор, конкуренцијата во банкарскиот систем, финансиската кондиција на банките и приватниот сектор и слично, истакнува гувернерот на НБРМ Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за МИА.