Министерката рече дека Буџетот е реален, ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.
Буџетот 2020 носи мото “инвестицираме во човечкиот капитал” затоа што човечкиот капитал е најважен за економскиот развој на една земја. Само посреќни и помотивирани работници можат да го дадат својот максимум, а и да останат да ја градат својата иднина во својата земја, дека дома си е дома, рече министерката за финансии Нина Ангеловска во експозето на Предлог-буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година.
– Затоа, во Предлог-буџетот за 2020 година издвоивме наjвисоки досега 154 милијарди денари за функциите на здравството, образованието и социјалната заштита. Сакаме најдобрите лекари и медицински персонал да бидат во јавното здравство. Сакаме квалитетни идни генерации и знаеме дека за тоа е предуслов квалитетното образование за секое дете. Сакаме да обезбедиме грижа за сите генерации, од најмладите до највозрасните. Да нема деца надвор од системот на згрижување – образложи Ангеловска.
Министерката за финансии потенцираше дека Буџетот 2020, иако ја акцентира важноста на човечкиот капитал, истиот обезбедува целосна рамнотежа помеѓу економската ефикасност и социјалната правда. Тој интегрира иницијативи насочени кон процесот на развој преку сериозни инвестициони вложувања.
– Во однос на очекувањата за макроекономските индикатори кои се основа на проекциите во Предлог-Буџетот за 2020, би сакала да потенцирам дека во домашната економија се очекува да продолжи силниот позитивен ефект на приватниот сектор, при дополнителен позитивен ефект од владините политики и мерки. Растот на приватната потрошувачка е проектиран на 3,3%, а проекцијата за раст на јавната потрошувачка во 2020 година изнесува 2%. Бруто-инвестициите во 2020 година е предвидено да се зголемат за 8% на реална основа. Економскиот раст во 2020 година е проектиран на 3,8%. Оваa проекција е во линија со најновите проекции на релевантните меѓународни и домашни институции (ММФ = 3,4%, Кредитна агенција Фич=3,5%, НБРСМ = 3,8%), што претставува уште еден доказ дека во Буџетот тргнуваме од реални претпоставки како најсоодветен инпут за реални фискални проекции и одговорна фискална политика-нагласи министерката Ангеловска.
Растот на вработеноста, проектиран на 2,1%, ќе биде поттикнат со активните мерки и програми за вработување, поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места, како и други мерки за намалување на невработеноста. Ова ќе придонесе просечната стапка на невработеност да се намали на ново историски најниско ниво на околу 16%. Растот на просечната нето-плата во 2020 година се очекува да изнесува 6,3% на номинална основа.
Ангеловска рече дека Буџетот е реален, ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.
Предлог-Буџетот за 2020 е насочен кон задржување на макроекономската стабилност, зголемување на конкурентноста на економијата и зголемување на вработеноста. Фискалната политика е во функција на фискална одржливост и етапна консолидација на јавните финансии.
Планот за приходи и расходи ќе обезбеди социјална сигурност, социјална правда и заштита, создавање на поволна деловна клима со политики на соработка со бизнис-секторот, социјалните партнери, заштита на работничките права, недискриминација, зголемена ефикасност, како и поддршка и развој на малите и средни претпријатија.
Вкупните приходи на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година изнесуваат 222,3 милијарди денари, а расходите 239,7 милијарди денари. Буџетскиот дефицит се намалува на ниво од 2,3% од БДП или 17.385 милиони денари во апсолутен износ.
Образложувајќи ги расходите за исплата на плати, Ангеловска рече дека се проектирани на ниво од 30,6 милијарди денари и во нив е вклучен ефектот од веќе реализираното покачување на платите за 5% за вработените кај буџетските корисници во последниот квартал од 2019 година, во насока на подобрување на стандардот на живот на вработените и зголемување на мотивот за професионално, квалитетно и целосно исполнување на работните задачи, како и ефектот од новото зголемување на платите на вработените во образовните институции на централно ниво за 10%. Расходите за стоки и услуги во износ од 20,6 милијарди денари вклучуваат зголемување на средства за финансирање на здравствените програми, за прв пат воведување на инклузивно образование, зголемувањето на материјалните трошоци во Министерството за одбрана за приближување кон НАТО стандардите и за законското решавање на проблемот со станбено обезбедување на припадниците на Армијата, како и обезбедувањето на средства за парламентарни избори во 2020 година.
Во рамки на социјалните трансфери, 60,7 милијарди денари се наменети за исплата на зголемени пензии за околу 700 денари, почнувајќи од јануарската пензија, како дополнително зголемување, над редовната индексација со трошоците на живот. За спроведување на активните политики и мерки за вработување во 2020 се планирани 1,3 милијарди денари што претставува највисок износ на буџетски средства за активни мерки за вработување.
Буџетот за здравствена заштита е поголем во однос на 2019 година за околу 2,8 милијарди денари, и е наменет за финансирање на здравствените услуги, зголемената капитацијата, достапност на лековите во текот на целиот месец, зголемување на надоместоците на специјалистите, како и за зголемување на платите на медицинскиот кадар во јавните здравствени установи, како трето покачување од јануари оваа година. По зголемувањето на платите на вработените во институциите од пренесените надлежности на ЕЛС за 5% оваа година, ќе следи дополнително зголемување на платите на просветните работници за 10%, почнувајќи од јануари 2020 година, во насока на мотивирање на наставниот кадар, кој е клучен за градење на квалитетни идни генерации.
За капиталните инвестиции, министерката Ангеловска посочи дека се планирани на ниво од 23,8 милијарди денари, и се обезбедуваат од буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Најзначајно учество имаат квалитетните и продуктивните инвестиции во патна и железничка инфраструктура, комунална и енергетска инфраструктура. На овие инвестиции отпаѓаат околу 36% од вкупните планирани капитални расходи во Буџетот за 2020 година. За образованието, детската заштита и спортот предвидени се капиталните инвестиции во износ од околу 2,1 милијарди денари, кои се наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите и инвестиции во спортска инфраструктура.