Нина Ангеловска, министерката за финансии во македонската влада, истакна дека со пристапувањето во НАТО за домашните компании се отвора можноста да учествуваат на јавните набавки во системот на НАТО. Станува збор за пазар за сервисни продукти како набавка, оперативна подршка, транспорт, одржување, кодификација, услуги во сајбер безбедност итн.
-„Јaвните набавки во системот на НАТО се базирани на едноставни и смарт правила што овозможуваат брз и флексибилен процес на набавка преку 3 клучни начела: транспарентност, еднакви можности и еднаков третман. Затоа би рекла дека ова е голема шанса за нашите компании, но и тест за конкурентноста на домашната понуда.Особено голем потенцијал за работа се јавува за ИТ компаниите кои можат да добијат работа и како субконтрактори, но и за останатите компании.“-рече Ангеловска.
Политичката сигурност ги стимулира инвестициите – и странските и домашните, што пак влијае на зголемување на бројот на работните места, намалување на невработеноста и зголемување на обемот на трговија. Тоа резултира со економски раст и развој и подигнување на животниот стандард.
Таа додава и дека ако се земе просекот од пет години пред и по простапувањето во НАТО за земјите кои станаа членки во 2004 година просечната стапка на невработеност се намалува за 5 процентни поени. За исто толку се зголемува и обемот на трговија.