Анализата на Министерството за финансии покажа дека наплатата на ДДВ од даночни обврзници со промет до два милиони денари е само околу 8,7 милиони евра, додека даночната администрација троши повеќе време за ДДВ обврзници кои придонесуваат со два проценти во вкупната наплата на ДДВ, отколку на оние кои придонесуваат со 73 проценти. Исто така, со ова Владата ќе им даде поддршка на малите и средни компании да растат и да се развиваат.
– Знаете дека темата за прагот стана актуелна откако во јавноста претставници на владата, уште пред таа да биде формирана гласно зборуваа дека прагот за ДДВ треба да се зголеми. Јавната дебата и притисок од јавноста за исполнување на ова усно дадено ветување се уште не е згасната и денеска сакам и таа да ја адресирам.
Затоа, ќе предложиме и промена на периодот во кој обврзникот е должен да остане во системот на ДДВ и истиот ќе го скратиме на три години од тековните пет години. Со тоа сите правни и физички лица кои во 2019 година не го надминуваат новопоставениот праг, ќе може доброволно да се дерегистрираат од системот – рече министерката за финансии Нина Ангеловска, образлагајќи ги предлог-измените.
Таа посочи дека анализата покажала дека од обврзниците кои остваруваат промет до два милиони денари годишно државата прибира само 8,7 милиони евра. Второ, како што посочи, има нерамнотежа во трошењето на ресурсите на даночната администрација зашто човечките капацитети кои се трошат за обврзниците кои имаат мал придонес кон ДДВ, треба да се насочат кон справување со сивата економија за да имаме сеопфатен и праведен даночен систем.
Таа посочи и дека има 11.375 правни и физички лица кои се ДДВ обврзници кои во 2018 година имале промет под 1 милион денари. Овие физички и правни лица, се регистрирале кога надминале 1 милион, а потоа биле обврзани да останат во системот во следните 5 години, без оглед колку промет остваруваат. Голем дел од нив придонесуваат нула или многу малку, а се товар за системот од една страна, а од друга страна и админстрацијата е товар за нив.