Европската инвестициска банка со грант од 10 милиони евра ќе ја помогне изградбата на еден од најголемите инфраструктурни проекти наменети за заштита на животната средина – Пречистителната станица за отпадни води од градот Скопје.
Ова е еден од најголемите инвестициски зафати во делот на екологијата што трајно ќе го реши третманот на урбаните води од главниот град.
За проектот се обезбедени вкупно 136 милиони евра, од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) а договорите со меѓународните финансиски институции беа потпишани денеска во Министерството за финансии.
Министерката за финансии Нина Ангеловска рече дека со потпишувањето на договорите за реализација на пречистителната станица, се покажува фокусираноста кон заштита на животната средина.
-Посебно сакам да нагласам дека Европската инвестициска банка, преку Economic Resilience Initiative (ERI) и дава на С.Македонија грант во износ од 10 милиони евра. Банката, преку оваа Иницијатива, им помага на државите од Западен Балкан да ги решаваат предизвиците. Благодарни сме што проектот за пречистителната станица за отпадните води од Скопје се најде на листата на приоритети на Европската инвестициска банка-укажа Ангеловска.
Министерката за финансии нагласи дека на главниот град ургентно му треба пречистителната станица, затоа што се зголемува населението, има брза урбанизација и индустријализација и континуирано расте количината на непрочистени води што домаќинставата и фирмите ги испуштаат во Вардар.
Пречистителната станица ќе биде лоцирана во општина Гази Баба, на левиот брег на реката Вардар во областа Трубарево и ќе опслужува над 500.000 жители.
Директорот на ЕИБ за кредитирање за Словенија, Хрватска и Западен Балкан Матео Ривелини посочи дека пречистителната станица ќе донесе многу придобивки за граѓаните во нивниот секојдневен живот.
– За граѓаните, почиста река значи подобра градска канализација, подобро јавно здравје и подобра животна средина. Ја подржуваме владата во нејзината цел да го претвори овој проект во реалност, што е врвен приоритет на оваа земја во секторот за животна средина – рече Ривелини.
Тој им се заблагодари на Бугарија, Хрватска, Италија, Литванија, Луксембург, Полска, Словачка, Словенија и Обединетото Кралство, кои од нивните национални буџети обезбедија 10 милиони евра грант средства за финансирање на Пречистителна станица Скопје, преку Иницијативата за економска отпорност.
За евроамбасадорот во земјава Самуел Жбогар финализацијата на договорите е резултат на посветеноста на ЕУ, ЕИБ, ЕБРД и државната администрација а реализацијата на проектот ќе покаже дека третманот на животната средина како приоритет не е само краткорочна туку и долгорочна цел.
-Овој проект е инвестиција за идните генерации во земјата. Покрај тоа, на овој начин покажуваме дека постигнувањето на целите во Новиот Европски Зелен Договор е заеднички напор а не само декларација. Верувам дека овој проект е само првиот чекор во таа насока – рече Жбогар.