Македонските стопанственици се откажаа од иницијативата за усогласување на православниот со католичкиот Божиќ. Порано велеа дека несовпаѓањето на празниците што се слават кај нас и во странство создава голем вакуум простор, расчекор поради кој речиси две недели запира секаква извозно-увозна активност, а тоа се одразува врз нивните финансиски планови. Но, денес се веќе помирени и ја имаат прифатено ситуацијата. Го приспособуваат своето работење за навреме да ги склучат договорите, нарачките, зделките.
– Во однос на ова прашање, членките на Стопанската комора на Македонија немаат директно поведено барање за усогласување на прославувањето на божиќните празници, но поодделно во разговори со нив, размислувањата на стопанствениците се поделени. Од една страна се компаниите што извезуваат производи или увезуваат суровина од католичките земји (земјите од ЕУ, кои се наши најголеми надворешно-трговски партнери), а од друга страна се оние што работат исклучиво на домашниот пазар и на кои оваа некомплементарност во прославувањето на католичкиот и православниот Божиќ не им предизвикува проблеми во работењето. Компаниите што се вклучени во надворешната трговија сметаат дека различното славење на божиќните празници со вакуум период од 15-тина дена е проблематично, делумно од финансиски аспект, како и во поглед на исполнување на роковите за испорака, кои во одредени ситуации поради низа непредвидени отстапки, предизвикани од надворешни фактори, можат да се проблематизираат, вели Билјана Пеева-Ѓуриќ, в.д. извршен директор во Стопанската комора на Македонија.
Иако компаниите имаат склучени договори за соработка навреме, сепак, како што нагласува Пеева-Ѓуриќ, се јавуваат ситуации во кои се вршат измени во последен рок или се има потреба за набавка или достава на дополнителни количини што претходно не биле утврдени, а неработењето на странските партнери или домашните компании предизвикува застој во постапувањето.
– Од финансиски аспект, кога се слават божиќните празници кај нас, поради континуитет во комуникацијата со странските партнери се зголемуваат трошоците на компаниите, кои организираат дежурни служби и работници кои се ангажирани за време на празниците, а кои за тој ангажман дополнително се плаќаат. Кога би постоело усогласување на овие празници најголема добивка секако би имале извозните компании, и тоа од металната и електроиндустријата, кои се во повеќе од 85 отсто (извозно ориентирани), металуршкиот сектор, земјоделско-прехранбената индустрија, текстилот… Но, наспроти тоа, компаниите што работат на домашен пазар немаат големи проблеми по оваа основа и остануваат на ставот Божиќ да се празнува како што е и сега, на 7 јануари, додава директорката.
Според неа, вредно е да се каже и дека навиките се веќе создадени на овој начин да се функционира во овој период од годината, што можеби е и главна причина зошто ова прашање засега не се актуализирало.
Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ), како што вели извршниот директор Дрилон Исени, за ова прашање ќе размислува кога земјава ќе стане членка на ЕУ.
– Контактиравме со неколку наши членки во врска со ова прашање, дали сакаат усогласување со католичките божиќни празници. Нивниот став е дека ќе размислат за ова прашање во моментот кога ќе пристапиме кон ЕУ и ќе бидеме на исто ниво со другите европски земји, изјави Исени.
Став на Сојузот на стопански комори (ССК), кој беше и иницијатор за усогласување на православниот и католичкиот Божиќ, е дека компаниите се веќе навикнати на овој вакуум период.
– Со оглед дека станува збор за прецизно утврдени датуми што важат секоја година, компаниите се навикнати на овој вакуум период и дел од нив однапред имаат испланирано како ќе ги завршат обврските. И во делот на нарачките се приспособени на западните држави, па се трудат увозот да го завршат навреме, велат од ССК.
Иницијативата за усогласување на православниот со католичкиот Божиќ произлезе од ССК во 2007 година, а беше повторно актуализирана во 2012-та. Стопанствениците бараа донесување закон што ќе го регулира ова прашање од кое, како што нагласуваа, најмногу трпи бизнисот. Став на тогашниот заменик-претседател на ССК Мирче Чекреџи беше дека усогласувањето на празниците ќе им помогне многу на фирмите, особено на извозно ориентираните, зашто ќе се намали т.н. вакуум период во кој стагнира соработката со западноевропските партнери. Тие слават од 24 декември до Нова година, а ние од Нова година до 7 јануари.
Поддршка за иницијативата стигна и од Стопанската комора на Македонија, чиј претседател Бранко Азески укажа дека е добредојден секој чекор што ќе го унапреди бизнисот. Но, Азески, истовремено повикувајќи се на досегашните искуства, предочи и дека македонските компании лесно се приспособуваат.
– Само три држави, Србија, Русија и ние, го славиме Божик на 7 јануари. Објективно, тоа создава проблеми затоа што додека се слави католичкиот Божик, странските компании кај нас не работат и обратно. Се отвора 20-дневен период на „пауза“. Но, досегашното искуство покажува дека нашите компании лесно се приспособуваат на ова, тогаш ги вршат ремонтите или поради вишоките трошоци, го намалуваат производството во тој период. Генерално, големите компании не трпат којзнае колкави штети, но помалите да, рече тогаш Азески.
Негов став беше и дека замената на јулијанскиот со грегоријанскиот календар е црковна работа, а не на власта.
Според некои членки на Стопанската комора, пак, од несовпаѓањето на православниот и католичкиот Божик реално не трпи никој.
– Бизнис-договорите не се склучени во некој од тие денови, туку најмалку два месеца претходно и си течат. Секоја сериозна компанија се организира, има служба за тоа, дежурни, кои нема да дозволат пропаѓање на зделките поради празникот. Во јануари никој од Запад не доаѓа тука. Сите се дома и најчесто го продолжуваат празнувањето. Многу земаат и плус денови одмор за на скијање, така што тој период се совпаѓа со нашиот празник до 7 јануари. Во оваа смисла, несовпаѓањето од една недела не е толку голем проблем, беше образложението на некои од компаниите – членки на Комората.
Во католичките земји од ЕУ Македонија реализира околу 60 отсто од извозот.