Министерката за финансии, Нина Ангеловска, и како министер и како човек смета дека платите во администрацијата треба да се намалат оти товарот на кризата треба да го понесат сите.

Таа извести дека даночните приходи бележат пад од 31 проценти, а од овие приходи се исплаќа платата во јавниот сектор.

„Сметам дека треба да има намалување од аспект на состојбата во која се наоѓаме, кризна ситуација во која сите заедно зборуваме дека треба да сносиме дел од товарот. Дел од товарот го носат и работниците од приватниот сектор коишто можеби овој период имаат намалени плати и кои загубиле работа. Ако сето тоа го имаме предвид и ако ги имаме предвид и мерките кои значеа намалување на работните активности на администрацијата, односно работа од дoма преку еден ден којашто се имплементираше, товарот треба да го понесеме сите. Од финансиски аспект се спроведе едно кратење во однос на реалокации на буџетски корисници со цел да се овозможат средства за реализација на мерките, бидејќи треба да го помогнеме приватниот сектор, тоа е сектор што ги генерира овие даночни приходи кои денес кажуваме дека се паднати за 31 %, а тие даночни приходи се користат за да се исплатат обврските, меѓу кои и платата на јавната администрација“, рече министерката Ангеловска.

Таа нагласи дека потребата да се намалат платите на јавната администрација засега е само нејзин личен став, а Владата како колективен орган носи заеднички одлуки. За понатамошните случувања околу намалувањето на платите министерката Ангеловска рече дека дополнително ќе информираат.