Од движењето Антикоцкање денеска на прес конференција реагираа на соопштенијата на Асоцијациите на спортски обложувалници и казина од каде информираа дека ако се донесе новиот Предлог закон за игри на среќа кој предвидува сите казина и спортски обложувалници да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училиштата над 10 000 луѓе вработени во овој сектор ќе останат без работа.
„Мора да го коментираме тоа што цело време го нагласуваат дека 10 000 луѓе ќе останат без работа. Тоа не е точно оти и премиерот и целата влада ветија дека тие луѓе ќе бидат вработените во органите на државата и нема да остане ниту еден човек без работа. Ако вака ние продолжиме денеска ние имаме 10 000 луѓе, а утре ќе имаме работа со 100 000 луѓе вработени во казина и обложувалници, не може државата да опстане од коцката“, рече Јуши Емурлаи од движењето Антикоцкање.
Иако има околу еден месец од формирањето на техничка влада од Антикоцкање се надеваат дека овој закон ќе биде изгласан од сегашниот пратенички состав.
„Ние очекуваме дека во овој пратенички мандат ќе помине законот. Претходните пратеници ветуваа дека ќе бидат оддалечени казината од училиштата 3 километри, сега новиот закон предвидува 500 метри оддалечесност од училиштата, барем овој закон се надеваме дека ќе помине, рече Јуши Емурлаи од движењето Антикоцкање.
99 % од казината и спортските обложувалници во Тетово ќе се затворат ако се изгласа законот за игри на среќа, додаваат од Движењето Антикоцкање.