Пет месечната помош во висина од 1 500 до 3 000 денари за пензионерите е добредојдена, но не доволна, велат пензионерите, новиот владин антикризен пакет мерки не носи трајно решение на проблемите.
Остануваат на барањето за линеарно покачување од 5.000 денари на пензиите, а за него останува и планот во вторник да протестираат пред Собрание.
-„Некоја долгорочна да се направи некој програма за сите пензионери… “
„Многу сум разочаран. Јас имам само 11 илјади, јас и жена ми, да не е детето од странство, јас ќе гладувам…..“
„Кај нема повеќе добро е и тоа….“
„Доволно никогаш не е доволно, ама тоа е тоа…“
„Само за гласови ги дадоа тие пари. Никој не е задоволен од ништо…. “
Драган Угриновски од иницијативниот одбор на пензионери за Канал 5 вели првите пари кои ќе им стигнат на пезнионерите од овие максимум 3000 денари ќе ги дадат за чевли, бидејќи старите ги искинаа протестирајќи по улиците.
„Добредојдена е … и овие пакет мерки се резултат на нашите протести. Од незадоволството, ако не протестиравме немаше ни овие пакет мерки да ги добиеме. Но не сакаме пакет мерки, сакаме да им порачаме на сите ние сакаме трајно решение. Значи нашите барања се децидни и постојано на сите протести ги повторуваме…“– изјави Драган Угриновски – Иницијативен одбор на пензионери.
Помош од 1 500 денари за пензионерите со примања од 16 до 19 илјади денари, помош од 2000 денари за оние со пензии од 14 до 16 илјади денари и помош од 3000 днари за оние со најниската пензија која е до 14 илјади денари.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека ако дојде на власт по изборите во првата година од мандатот ќе го прифатат барањето за линеарно покачување на пензиите од 5.000 денари, но дел од пензиоенирте кои ги анкетиравме велат уморни се од предизборни ветувања.
„Како што гледам како наближуваат изборите сите сакаат да ги придобијат пензионерите. Било која политичка партија која ќе прифати во изборната програма и пред изборите да се нафати да го реши проблемот тогаш пензиоенрите за нив ќе гласаат. “- изјави Драган Угриновски – Иницијативен одбор на пензионери.
„Не верувам ништо во никого….“
„Ова е предизборна кампања некоја …имаме доста пензионери кои не се задоволни….“
„Овие сега во партија бетер – а Мицко што се фале, тој па ништо не прави….“
Со владината одлука, опфатени се над 187 илјади пензионери, за чија помош предвидени се 35 милиони евра. Целиот пакет антикризни мерки тежи 662 милиони евра, од кои 156 милиони се директна финасниска помош за граѓаните.