Апликацијата МојДДВ преку која граѓаните ќе можат да ги скенираат фискалните сметки веќе е достапна за преземање и подготвена за користење, едноставна е за користење, а од секој смарт телефон граѓаните може да ја преземат преку веб страницата на Управата за јавни приходи (УЈП), информираше денеска в.д. директорката на УЈП, Сања Лукаревска.
Таа кажа и дека на 36 места во организациските единици на територија на целата држава се поставени и киоск апарати, баркод читачи и паметни мобилни телефони преку кои УЈП ќе им овозможи на граѓаните да ги скенираат своите фискални сметки.
„Очекуваме во наредните денови апликацијата да биде достапна за преземање и од Епл стор за корисниците од ИОС оперативниот систем, бидејќи станува збор за мултинационална компанија која работи со посложени административни процедури при поставување на апликациите“, додаде Лукаревска.
На денешната прес-конференција таа информираше дека едно физичко лице во текот на годината ќе може да си врати 7.200 денари, а четиричлено семејство каде сите ги исполнуваат условите ќе може да си оствари една просечна плата од 28.800 денари. Лукаревска потсети дека граѓаните за да можат да си вратат ДДВ, треба да имаат навршено 15 години, да поседуваат документи за идентификација, своја трансакциска сметка и да се регистрирани на системот на УЈП. За најава на „МојДДВ“ граѓаните ќе го користат истиот имеил и лозинка од корисничкиот профил на e-pdd.
„Фискалните сметки со износ од 30.000 денари, како и невалидните фискални сметки, односно компјутерските сметки апликацијата МојДДВ нема да ги прифати, ниту преку скенирањето од мобилен телефон, киоск апарати или баркод читачи“, кажа Лукаревска.
Според неа, Законот за враќање на дел од ДДВ и начинот на кој ќе се реализира е прв од ваков вид во регионот и, како што рече, е уште една ефикасна мерка за намалување на сивата економија и можност граѓаните и управата да станат партнери во борбата против неформалната економија.
„Веруваме дека граѓаните ќе инсистираат да им се издаваат фискални сметки, а дополнително ќе избегнуваат да купуваат на места каде фискални сметки не се издаваат. И граѓаните и државата имаат корист од оваа мерка. Најмногу ќе изгубат оние кои не издаваат фискални сметки или пак издаваат невалидни со што на граѓаните им го ускратуваат правото на поврат. Повратот на 15 посто од ДДВ е голем и сериозен проект и по својата суштина и по начинот на реализацијата. Токму затоа беше и се уште е вистински предизвик да се работи на овој проект“, рече Лукаревска.
За сите граѓани кои ќе имаат потреба од поддршка во целиот процес, како што се повозрасните лица и граѓаните од социјално ранливите категории, УЈП, како што рече Лукаревска, е целосно подготвена да им излезе во пресрет.